Линкови за пристапност

Американските конгресмени бараат ЕУ да ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка група


Двопартиска група од повеќе од 130 членови на американскиот Конгрес потпишаа заедничко писмо во кое ја повикуваат Европската унија да го прогласи Корпусот на Револуционерната гарда на Иран како терористичка организација.

Во писмото упатено до шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, конгресмените велат дека Иран е „водечка држава спонзор на теророт“ и дека со децении ИРГЦ „слободно и отворено спроведува заговори насочени кон граѓаните во земјите низ ЕУ“.

„Ја разбираме правната сложеност поврзана со назначувањето на ИРГЦ како терористичка организација во согласност со Заедничката позиција 931 на правото на ЕУ и целосно ја цениме потребата оваа одлука да биде преиспитана или од судски или „еднаков надлежен орган“, рекоа конгресмените.

„Но, со оглед на растечката закана што Иран ја претставува за земјите-членки на ЕУ и нивните граѓани, ве повикуваме да го третирате ова прашање со најголема итност“, пишуваат членовите на американскиот Конгрес.

Во писмото, исто така, се цитира студија на Центарот за борба против тероризмот во Вест Поинт во која се наведува дека Иран „поттикнал најмалку 33 заговори за набљудување, киднапирање или атентат на граѓани во Европа“ во текот на изминатите пет години.

Борел рече дека назначувањето на ИРГЦ како терористичка група мора прво да вклучи осуда од суд во најмалку една земја-членка на ЕУ.

Соединетите држави ја прогласија ИРГЦ за терористичка група во 2019 година.

Некои информации за овој извештај се користени од Ројтерс.

XS
SM
MD
LG