Линкови за пристапност

Четири години затвор за заговор околу киднапирањето на новинарка од Гласот на Америка


Новинарка и активистка за правата на жените - Масих Алинеџад
Новинарка и активистка за правата на жените - Масих Алинеџад

Жена од Калифорнија е осудена на четири години затвор за злосторства поврзани со неуспешниот заговор за киднапирање на персиската водителка и новинарка на Гласот на Америка, Масих Алинеџад.

Федералниот суд ја изрече казната на Нилуфар Бахадорифар, американска државјанка со иранско потекло, за помагање во финансирањето на обидот за киднапирање на иранската критичарка и новинарка Алинеџад, која живее во егзил во САД.

Бахадорифар се изјасни за виновна во декември за заговор за кршење на Меѓународниот акт за економски овластувања за вонредни состојби.

Судијата рече дека со осудувањето на Бахадорифар на толку долга казна, судот сакал да испрати силна порака за да ги одврати другите кои би можеле да му помогнат на Техеран да ги таргетира критичарите во САД.

„Нилуфар Бахадорифар намерно ги прекрши санкциите и свесно обезбеди финансиска поддршка за иранските разузнавачки средства, кои за возврат беа ангажирани во заговор за киднапирање на иранската активистка за човекови права која живее во Соединетите држави, која иранската влада со години се обидуваше да ја замолчи“, рече адвокатот Демијан Вилијамс во соопштението за печатот.

Алинеџад го повика судијата Рони Абрамс да даде пример со затворска пресуда за Бахадорифар што е можно подолго.

„Ова злосторство остави свој белег. Секој ден кога излегувам на улица ми претставува стрес“,рече Алинеџад пред судијата.

Бахадорифар првпат беше обвинета во 2021 година заедно со четворица ирански државјани. Во декември, Бахадорифар се изјасни за виновна, велејќи дека испратила средства до приватен истражител во име на владин претставник во Иран, кој бил долгогодишен семеен пријател.

Приватниот истражител, кој исто така не знаел дека неговите работодавци се ирански агенти, соработувал со ФБИ и не бил обвинет.

Од 2015 година, Бахадорифар обезбедувала финансиски и други услуги, вклучително и пристап до американскиот финансиски систем и институции, на различни поединци од Иран, велат обвинителите. Почнувајќи од 2019 година, таа структурирала готовински депозити во вкупна вредност од најмалку 476.000 американски долари во повеќе од 120 поединечни депозити, соопштија властите.

Некои информации во овој извештај се од АП

XS
SM
MD
LG