Линкови за пристапност

Интервју со Орце Симов, Сојуз на стопански комори: Биткоинот не зависи ниту од политика, ниту од влада, вредноста ќе му расте


Постојат предвидувања според кои, доколку не се случи нешто непредвидено, цената на биткоинот до 2030 година да порасне и до еден милион долари, вели Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија во разговор за Гласот на Америка. Сепак, советува, бидете внимателни.

Постојат предвидувања според кои, доколку не се случи нешто непредвидено, цената на биткоинот до 2030 година да порасне и до еден милион долари, вели Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија во разговор за Гласот на Америка

„САД имаат над 207.000 биткоини како резерва, Кина има 194.000 биткоини, Велика Британија има 61.000 биткоинио, Ел Салвадор има 5.980 биткоини. Значи, земји, чуваат одредени резерви во биткоини“, посочува Орце Симов, професор по информатички технологии на Меѓународниот славјански универзитет и потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија.

Симов укажува дека македонското општество не треба да стои настрана од случувањата со новите технологии, вклучително и со криптовалутите.

„Во Македонија малку сме конзервативни и ригидни кога се работи за нови технологии. Треба да бидеме многу поотворени кон тоа, многу полесно да ги прифаќаме новите технологии, да ги прифаќаме кога се во нагорна линија, во раст, а не кога ќе влезат во сатурација или во опаѓање поради тоа што се сменети со нови технологии“, укажува Симов, кој е и претседател на Комората за информатичко-комуникациски технологии

Симов посочува дека е потребно да се озакони постоењето и на таканаречените менувачници за тргување со криптовалутите.

„Ние како земја во однос на тоа немаме никаква реакција. Нема закон што го признава, нема закон што го забранува. Едноставно останува во некоја недефинирана зона што не спречува да се работи. Меѓутоа, ако законски се дефинира дека тоа и тоа може да се прави, тогаш во Македонија може да се отворат компании што ќе се занимаваат со таа дејност и врз база на тоа ќе се вработат и луѓе. Така ќе се генерираат и одредени приходи и во буџетот и во државата“, смета Симов.

Цената на биткоинот, пак, не ја поврзува со актуелните глобални политички случувања, ниту, пак со влијанија од држави и банки.

„Никој не може да направи инфлација, тоа е дефлаторно. Може да се пресмета колку ќе има во оптек. Не зависи од политика. Зависи од математички модел што е дефиниран 2008-2009 година. Врз база на него е направен тој биткоин и работите се предвидливи. Не зависи од влада, не зависи од политика, не зависи од какви било одлуки на коишто може да влијае човекот“, категоричен е професорот Симов.

Како што објаснува, бројот на биткоините на глобално ниво е ограничен, а побарувачката е сè поголема.

„Понудата ќе опаѓа и во моментот имаме во оптек нешто помалку од 19,8 милиони биткоини коишто досега се издадени. Остануваат значи за издавање, до 2140 година, уште 1,2 милиони биткоини. Треба да земеме во предвид дека, според проценки, околу 4 до 5 милиони биткоини се изгубени. Значи, ако го земеме тоа во предвид, ќе имаме вкупно само околу 15-16 милиони биткоини во оптек. Бројот на луѓето на планетата е многу поголем. Не може секој да поседува“, посочува Симов.

Проекциите за цената, пак, се пресметуваат во големи бројки.

„Има некои предвидувања што велат дека, доколку не се случат некои непредвидени работи, цената на биткоинот до 2030 година ќе порасне и до еден милион долари“, посочува професорот.

Сепак, нашиот соговорник, предупредува, не избрзувајте.

„Граѓаните не треба да прифаќаат брзи заработки. Некој може да им понуди, ‘се појави таква и таква можност, опција’. ‘Ние ќе тргуваме со вашите крипто средства. Ви овозможуваме огромни заработки коишто се движат и со 20-30 проценти на дневно ниво’. Или, се ветува дека има нов финансиски инструмент, нова криптовалута што ќе овозможи огромен раст. Едноставно не треба да се пристапува и да не се прифаќаат такви предлози“, укажува Симов.

За крај и еден инвестициски совет:

„Не било финансиски паметно, за сè што заработил некој човек, да го чува само во одреден инструмент. Тоа би требало да се диверзифицира. Може да се чуваат, може да има нешто недвижен имот, може да има акции на берза. Но, не е лошо да се има и нешто во форма на криптовалути и биткоини“, советува професорот и потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Орце Симов во разговорот за Гласот на Америка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG