Линкови за пристапност

Интервју, Горан Стојановски: Кај граѓаните има свест за штетата од пожарите, проблемот се оние со криминални цели


Потребна е специјализирана единица од 200-300 луѓе, подготвени и опремени веднаш да реагираат и да се справат со пожари, поплави, земјотреси. Климатските промени ќе донесат уште покатастрофални пожари, предупредува Горан Стојановски раководител на секторот за операции и координација при ЦУК. .

Невозможно е после целосно гаснење и после период со дождови, сами од себе да се појават нови пожари во речиси едни исти реони. Големи се сомнежите за намерно предизвикување. Така смета Горан Стојановски, раководител на секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, во разговор за Гласот на Америка.

„Нешто се случува. Проблемот е што е тоа толку интересно, после 20 дена гаснење на еден ист пожар, на иста територија, на ист простор, повторно истиот да се обнови. Целта на палењето мора да е заради некои други аспекти“, вели Стојановски.

Според законските прописи изгорените дрвја мора да се исечат, за да се заштити остатокот од шумата. Стојановски посочува дека можна цел за потпалувањето е токму отворениот пат за подоцнежна трговија со таа дрвна маса.

„Таквите делови се богати со поквалитетни шуми. Кога некој ќе го добие тендерот за сечење на дрвјата, тој не гледа дали нешто горело, туку напротив, покрај загорените дрвја, ќе исече уште 70 отсто здрава шума. Можеби тоа е причината за палењето. Ние тоа го нарекуваме економска причина“, посочува Стојановски.

Раководителот од ЦУК не ја отфрла можноста и за други фактори за пожарите, како што се невнимание, искри од кабли или, пак, пироманство.

„Но, не можеме исклучително нив да ги врземе во однос на сите пожари, а вкупно се 829 во месец август, од кои 115 се во шумски појас. Не можеме да кажеме дека сите што ги потпалиле пожарите биле болни. Далеку од тоа“, вели раководителот од ЦУК.

Стојановски посочи дека изминатите два месеца на кризна состојба повторно покажале дека се неопходни промени во системот за справување со непогодите. Еден од чекорите е можно спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

„Промени мора да има во делот којшто во моментов не соодветствува со потребите. Притоа, потребите се формирање републички сили, тимови. Тука треба да припадне и Дирекцијата за заштита и спасување, која ги има овластувањата да располага со овие републички сили, да ги оформи, да ги обучи, да ги специјализира, да ги опреми“, укажува Стојановски.

Нашиот соговорник додава и дека е неопходно формирање и посебна единица, со централизирана команда и со обучени и целосно опремени лица за секаков вид кризи.

„Тие 200 или 300 луѓе коишто ќе бидат во рамките на тие специјализирани единици, ќе се специјализираат не само за пожарите, туку и за извлекување давеници, за помагање при поплави, при земјотреси. Голем спектар на специјализации, обуки и опремување, коешто ќе даде можност за реакција веднаш“, вели Стојановски.

Стојановски додава дека државата мора да се подготви за одбрана од уште поголеми катастрофи, а кои би се појавиле како последица од климатските промени.

„Ако сега имате два месеца во континуитет температури од 40 степени, сметајте дека до година ќе има три месеци со по 45 степени. Самата клима, температурата, сувоста и горливоста на материјалот, немањето влажност, дождови.. Директно ќе предизвикува опасност од глобални пожари“, предупредува Стојановски.

Во однос на забраната за движење во шумите, Стојановски смета дека не покажала резултати.

„Забраната за движење во шуми и за мене е непродуктивна мерка. Таа можеби на долги патеки ќе одврати некои од тие што имаат намера да палат. Но ги одвраќа и добронамерните посетители, како планинарите, за кои ние како институција имаме интерес да се движат. Тие не палат, тие кога ќе видат пожар веднаш јавуваат“, укажува Стојановски.

Сепак, упатува и на поефикасен надзор врз активностите во шумите.

„Кога ќе направите строга забрана, тоа треба строго да го контролирате. Немате доволно ресурси и капацитети да воспоставите контрола. Треба да имате луѓе да го покриете секој шумски простор“, посочува Стојановски.

Бројките од повиците кон бројот 112 покажале зголемена загриженост и свест кај дел од македонските граѓани за опасноста од пожарите.

„Еден мал чад да се појави, граѓанинот ќе го пријави. Тоа се тие 2.500 – 3.000 повици што ги добиваме дневно. Огромен дел се во таа насока. Тука е таа свесност на граѓаните. Но, ние и да се обратиме до криминалците, до тие што директно потпалуваат, што и да упатиме како апел или насоки, ништо не помага“, укажува координаторот од ЦУК.

Сепак, на крај од разговорот Стојановски испрати и конкретен апел:

„Не можам да кажам дека Македонецот не е свесен. Но, имаме поединци над коишто треба дополнително и длабоко да влијаеме и да им ја промениме свеста на однесувањето“, заклучува Стојановски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG