Патeшетвието да се стаса до САД е опасно и застрашувачко за секој мигрант, но уште повеќе за децата. И покрај ризиците, над 110.000 малолетни мигранти без придружба од родител или одговорен старател, биле фатени од агентите на американската погранична патрола во текот на фискалната 2024 година, откако илегално ја преминале јужната граница. Откако ќе бидат фатени, вели портпаролката на граничната патрола Кристина Смолвуд, - децата добиваат основна грижа.
„Агентите се грижат малолетниците да се во добра здравствена состојба. Потоа, се носат во Центарот за регистрирање“, објаснува Смолвуд.
Повеќе од половина од тие малолетници кои преминале без придружба и биле фатени во 2024 беа лоцирани во Јужен Тексас.
Вториот по големина број на такви фатени лица е во Аризона, а потоа во Калифорнија.
„За жал, во регионот на долината Рио Гранде, имаме висок процент на малолетници без придружба“, објаснува Смолвуд.
И покрај тоа што има намалување на бројот на деца без придружба фатени на границата, ова прашање предизвикува загриженост.
Хектор Силва, директорот на засолништата за мигранти „Сенда де Вида“ е загрижен за опасностите со кои се соочуваат овие малолетници.
„Разбирам дека има многу околности и ситуации, но не оставајте дете само. Не ги напуштајте, вашиот син или ќерка“, вели Силва.
И покрај овој апел, Силва предупредува да не се брза со критиките.
Додека некои родители кои веќе се во САД може да ги испратат своите деца да се обединат како семејство, други можеби го започнале патувањето заедно, но биле разделени поради непредвидени околности во Мексико.
„Замислете, семејство мигранти киднапирано, оставено без пари, а потоа одлучува да остане во близина на границата“, додава Силва.
Во такви ситуации, посочува Силва, родителите можеби ќе најдат начин нивните деца сами да ја преминат границата и покрај опасности. Ризиците се значителни, предупредува пограничната служба.
Кон крајот на октомври, агентите спасија четири деца напуштени од криумчари на гумен душек во реката Рио Гранде.
„Не преземајте ризици! Наместо тоа, аплицирајте легално преку апликацијата One за да влезете во САД“, посочува Смолвуд.
Сепак, не сите мигранти се квалификуваат за легален влез во САД. Соочени со насилство, сиромаштија и ограничени можности во нивните матични земји, многумина сè уште се подготвени да ризикуваат сè - во потрага по подобра иднина.
Facebook Forum