Линкови за пристапност

Хибридна војна: Најави од Русија за балистички проектили покрај границата со Финска


Хибридна војна: Најави од Русија за балистички проектили покрај границата со Финска
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00

Руските медиуми велат дека земјата планира да распореди балистички ракети блиску до границата со Финска. Аналитичарите велат дека тоа е последна во серијата воени и хибридни закани што Русија ги упатува кон Финска откако таа влезе во НАТО минатата година

Руските медиуми објавија дека војската планира да распореди балистички ракетен систем Искандер близу до границата со Финска.

Во извештаите се вели дека тоа е одговор на приклучувањето на Финска во НАТО минатата година.

Но, оваа најава не предизвикува тревога во Хелсинки, вели безбедносниот аналитичар Чарли Салониус-Пастернак.

„Ова навистина не е новост. И, се разбира, објавувањето на нешто и преземање нешто во врска со тоа, се две многу различни работи кога доаѓаат од Русија“, вели Салониус-Пастернак.

Аналитичарите велат дека Финска се соочува со различни безбедносни и хибридни закани од Русија, откако се приклучила на НАТО по инвазијата на Москва на Украина.

Кон крајот на минатата година, илјадници мигранти од земји како Сирија и Сомалија почнале да пристигнуваат на финско-руската граница, за да се обидат да бараат азил.

Хелсинки ја затвори границата во ноември, обвинувајќи го Кремљ дека ја користи миграцијата за раздор.

Затворањето беше продолжено на неодредено време неодамна.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, му се придружи на финскиот премиер на турнеја низ пограничниот регион.

„Тоа е хибридна закана и треба да се одговори како кон хибридна закана за националната безбедност. А она што го гледаме е дека една држава ги користи луѓето кои се во ризик за да вршат притисок врз друга држава“, рече Фон дер Лајен.

Финска гради ограда долж дел од границата која е долга 1.340 километри и ги зголемува патролите. Владата расправа за законодавството за блокирање на барателите на азил кои влегуваат од Русија.

Фон дер Лајен рече дека сите такви мерки мора да постигнат рамнотежа помеѓу безбедноста и меѓународните обврски за правата на бегалците.

Заканите ја надминуваат мигрантската криза, вели аналитичарот Салониус-Пастернак.

„Руските безбедносни служби, откако некои од овие лица ќе стигнат во Финска, се обидуваат да ги регрутираат за потоа да предизвикаат дополнително хаос во Финска. Сигурно има очекување од финските власти дека сајбернападите, можеби и други напади врз инфраструктурата, како и ова искористување на луѓе ќе продолжат. Сега кога зимата полека се повлекува овде, долгата граница станува, се разбира, многу попроодна“, додава Салониус-Пастернак.

Русија негира дека се обидува да создаде мигрантска криза на финската граница.

Москва го опиша влезот на Финска во НАТО како „историска грешка“ што би ја принудила да преземе, како што рече, „контрамерки“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG