Евтините кинески производи, кои го преплавија македонскиот пазар ги доведе до раб на опстанок малите бизниси и занаети. Постои опасност од целосно изумирање на чевларскиот и кројачкиот занает. Сопствениците се жалат дека имаат дури за 50- 70 отсто помалку работа, а некои дури биле принудени да стават и клуч на врата.
„Кинеската роба, кинеските кондури го направија своето. Не оставиjа со 50 посто помалку работа, во однос пред 10-15 години, што тогаш не беше ниту дефицитарен, ниту пред изумирање занаетот. Прво почнаа да изумираат оние мали микро претпријатија, кои се занимаваат со производство на обувки. Кинеската роба го направи своето, ги затвори сите такви поради конкурентност“, вели Сашо Богоески, претседател на регионална занаетчиска комора на Охрид.
„Од такви материјали се прават, што некои работи не можеме да ги залепиме, не знаеме ни од каков материјал се правени. Евтина роба е и народот трча најевтино да купи и не сакаат да поправат и поради тоа работата ни се намалува“, посочува Сулејман Пашо, чевлар.
Сметаат дека и нискиот животен стандард си го прави своето.
„Има ситуација, каде што поправката е поскапа, отколку самата чевла. Ги има доста. Кој знае што е убаво, ќе купи што е убаво. Сиромаштијата си го прави своето. Некој и да сака да купи убаво, не може, па ќе купи евтино“, објаснува Богоески.
Богоески смета дека државата треба да најде механизми да ги заштити занаетите и домашното производство, преку мерки за намалување на придонесите и даноците, за да може да конкурираат на кинеските производи.
Дека занаетчиството е во изумирање говори и податокот, според кој во регистарот на занаети на ниво на Охрид се запишани 210, од некогашните 300. Сè помал е бројот и на млади кои сакаат да бидат занаетчии.
„Младите не сакаат занаети. Јас сметам дека нема да можат да опстанат со занает и никој не сака да учи. Ова е пред умирање, никој не е дојден да праша дали можам да го земам да учи занает, никој не сака. И после нас ќе нема. Ќе купуваат и потоа ќе фрлаат“, вели занаетчијата Пашо.
„Заварувачи, бравари скоро воопшто и да ги нема, а голема е побарувачката на пазарот. Ни изумираат занаети пред нас, а не се презема ништо. Мој предлог во самата стратегија е тие занаети да ги финансира државата. На ниво на република се работи за 1.000 такви занаетчии на кои им е потребна помош“, додава Богоески.
Најбројни се берберите, фризерите и козметичарите.
„Во овој момент има еден мал проблем со државата. Откако воведоа задолжително средно образование, се намали значително изучување на занаетите“, смета Неат Алим, сопственик на фризерски салон.
Сепак Алим има наследник во неговиот син, кој по завршувањето на средното образование се посветува на занаетот.
„Решив да продолжам со занаетот затоа што го сакам од мали нозе. Заедно работам со мојот татко и се надевам дека во иднина ќе ја продолжам оваа традиција. Работам со мојот татко 3 години и самостојно потстрижувам 2,5 години“, додава Алим.
Во минатото охридската чаршија важела за занаетчиска улица, со бројни занаети како, самарџии, ковачи, калајџии. Денес сликата е сосема променета.
Facebook Forum