Македонската полиција неодамна откри терористичка група, со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС.
Групата која била составена од четири лица, планирала напади на јавни и цивилни објекти за време на новогодишните и божиќните празници.
Се работи за групи, кои се доста способни и имаат познавање од правање на импровизирани експлозивни направи, вели Злате Димовски, професорот по методика на истражување на тероризам:
„Кои знаат да употребуваат оружје, кои се во функција на веќе изградени ставови на онаа поделба на „тие и ние“. Веќе точно знаат како треба да реализираат активности, во долг временски период се подготвуваат, прават подготовки за извршување на одреден акт, согласно добиените инструкции“.
Тој додава дека терористички келии од типот на замрзнати ќелии, сè уште постојат.
„Мене не ме плаши толку замрзнатоста на ќелиите. Многу повеќе ме плаши нивната моќ за индоктринација, за радикализација на одредени лица, односно привлекување на нови членови, ширење на нивната идеологија, индоктринација на нови лица, вклучување постепено во некакви програми за нивна обука и покасно создавање на можности за нивно регрутирање за потребите на терористичките организации“.
Павле Трајанов, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, вели дека иако земјава има ниско ниво на загрозеност од можни терористички акти, никогаш до крај не може да се тврди дека такво нешто не може да се случи.
„Дали повторно ќе има такви случаи? Сигурно дека ќе има. Рефлексиите од Сирија, војната во Газа, војната во Украина, сето тоа се рефлектира вкупно и може да има соодветно влијание, но овој процес ќе трае и никој, никогаш не може да гарантира дека не може да се појави радикализам, екстремизам итн“.
Трајанов верува дека службите имале искуство во справување со вакви појави и оти засега не се очекува загрозување на безбедноста. Вели дека немаат информации за други вакви групи, кои делуваат на територијата на државата.
Сепак, земајќи го предвид бројот на лица кои од земјата заминале во странски војски, претпоставките се дека уште има такви лица, вели професорот Злате Димовски. Некои од нив веќе издржаа и казна затвор во државата.
„Но има и нови лица, кои тие веќе успеале да ги придобијат за тие цели, но и лица, кои на одреден начин стигнале до таа идеолошка матрица, успеале да пенетрираат во нивните редови, не можеби физички, но по одредени канали и сега се успева да се врши таа радикализација, која покасно може да предизвика одреден степен на насилен екстремизам, меѓутоа сето тоа води кон екстремизам“.
Трајанов вели дека Северна Македонија презема најорганизирани мерки за спречување на насилен екстремизам и тероризам.
„Клучно за Македонија сега е тоа што имаме етно-национализам, кој го потикнуваат политичките партии. Тука е клучниот проблем и на тоа работиме, затоа погласно зборуваме за сите овие состојби, со цел да се одвратат политичките партии да не го потикнуваат етнонационализамот, а тоа значи да спречиме можна радикализација по етничка основа“.
Инаку, во последниот случај, првоосомничениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал од ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи коишто потоа требало да ги искористат за извршување на терористички напади.
Facebook Forum