Инфлацијата во САД се зголеми за 3% во јануари, но неколку поддржувачи на претседателот Доналд Трамп во Калифорнија, се уверени дека неговата администрација на крајот ќе ја стави под контрола.
„Има причина што некои цени се зголемени, а многу од цените можеби никогаш нема да се вратат. Но, тие нема да продолжат да растат откако ќе ја поправиме економијата“, вели Џеф Мирлис, поддржувач на Трамп.
„Само што платив 20 центи повеќе за галон [бензин] вчера во Costco, но тоа не ми е важно, бидејќи во иднина знам дека моите деца ќе имаат корист на некој начин и нашата економија ќе заживее“, вели Ребека Јусино, поддржувачка на Трамп.
Мајкл Бернацки ја минимизира загриженоста на неколку економисти дека плановите на претседателот Трамп да воведе царини на други земји би можеле да резултираат со повеќе зголемувања на цените.
„Мислам дека тарифите се неопходни. Да ги направиме работите фер кога станува збор за нас да купуваме работи од други земји и други земји да купуваат работи од нас“, вели Бернацки.
Еунг Ли, кој поседува авто салон во Фолс Черч, Вирџинија, гласаше за демократ на претседателските избори. Тој веќе забележува намалување на клиентите кои се двоумат да потрошат пари за поправки на автомобили. Доколку се наметнат тарифи за резервните делови, тој вели дека ќе треба да префрли дел од дополнителните трошоци на муштериите.
„Не купувам делови директно од Канада или Мексико или Кина, но имаме посредник. Кога повеќе ме чини нешто, или повеќе пари, тогаш треба да ја зголемиме цената. Во спротивно, не можам да го водам бизнисот“, смета Ли.
Сопственикот на ресторанот во Вашингтон, Даглас Крокер гласаше за демократ, исто така, на претседателските избори.
Тој, прави деловни корекции во време на зголемената инфлација.
„Се занимаваме со голем број различни купувачи на големо и сега мораме да бидеме сигурни и одговорни за нашите купувања“, вели Крокер.
Константин Ставропулос поседува ресторан во главниот град на САД. Тарифите за состојки како што се мексиканското авокадо би можеле да го принудат да ги зголеми цените на одредени јадења. Иако тој не гласаше за Трамп, сепак е оптимист дека некои политики што ги предложи претседателот ќе ја придвижат економијата во вистинската насока.
„Мојата единствена надеж е дека тој ќе ги реализира најавите за олеснување на оданочувањата за вработените, тоа би било голем бум, и би ни помогнало во ресторанската индустрија“, вели Ставропулос.
Тој, исто така, би сакал администрацијата на Трамп да ги намали трошоците за енергија, што Ставропулос забележува дека влијае на испораките на производи со камиони.
Facebook Forum