Претседателот Џо Бајден им рече на дипломираните студенти на Воената академија на САД дека Америка никогаш не побарала од својата војска да прави толку различни работи на толку различни места одеднаш.
„Во моментов, американските војници ги поддржуваат храбрите Украинци во нивната борба за слобода. Нашите војници работат деноноќно за да го задржат движењето на муницијата и опремата по копно, море и воздух“, рече Бајден.
Тие обврски го вклучуваат Блискиот Исток.
„Воздухопловните сили на САД обезбедија храна, доставувајќи десетици илјади оброци на жителите на Газа. Соочени со неодамнешниот невиден напад на Иран врз Израел, ги собравме партнерите, вклучително и арапските нации, за да го одбиеме постојаниот напад“, додава Бајден.
Доналд Трамп вели дека Бајден ја води американската војска во цитирам „невидено опасна ситуација“.
„Нашата земја е целосно понижена. И ние имаме корумпиран, компромитиран претседател, Џо Бајден, кој не` вовлекува во Трета светска војна, и тоа се случува“, смета Трамп.
Трамп вели дека Бајден не треба да ризикува војна со Русија или Кина. Во видеото од кампањата, тој вети дека ќе ја стави американската војска зад надворешната политика, која ги става американските интереси на прво место.
„Ќе побарам од Европа да ни ги надомести трошоците за обнова на залихите испратени во Украина, што би требало да го направат сега, но Џо Бајден е премногу слаб и премногу непочитуван за да може дури и да бара“, додава Трамп.
Бајден вели дека американската војска ги зајакнува сојузите и инвестира во одвраќање.
„Да ги браниме нашите вредности со тоа што ќе им се спротивставиме на диктаторите, ќе го чуваме мирот, но ќе ја заштитиме слободата и отвореноста. Благодарение на вооружените сили на САД, ние го правиме само она што Америка може да го направи како незаменлива нација, како единствена светска суперсила и водечка демократија во светот“, вели Бајден.
Одделот за одбрана на САД соопшти дека при регрутирањето на армијата, морнарицата и воздухопловните сили во фискалната 2023 година, недостигале повеќе од 40.000 регрути.
Трамп вели дека тоа е затоа што многу луѓе не сакаат да служат во војската на САД поради, како што рече, прогресивната политика на Бајден.
„Ќе ја вратам гордата култура и традициите на американските вооружени сили и нема да биде дозволен марксизам, комунизам. Ќе се ослободиме од фашистите“, рече Трамп.
Војската на САД вели дека има неколку причини за откажување на регрутирањето, вклучително и посилна економија, која им дава на помладите повеќе опции , како и поголема недоверба во институциите кај оние од генерацијата родени помеѓу 1997 и 2012 година.
Facebook Forum