За авионите кои летаат околу конфликтните зони, постојат очигледни опасности. Либанската компанија Middle East Airlines продолжи да лета од аеродромот во Бејрут во текот на тековниот конфликт на Хезболах и Израел. Но, далеку над борбите на теренот, постојат дополнителни опасности.
Истражувачите велат дека регионот забележал голем пораст на електронското војување. Глобалниот систем за позиционирање на авионите или сателитските сигнали ГПС – (GPS), или се блокирани или „намерно погрешно наведувани“, вели Рафаел Монштајн од Универзитетот за применети науки во Цирих во Швајцарија.
„Измамување е кога хакерите испраќаат малициозни сигнали до сите приемници кои се во областа на покриеност. Тоа го мами примачот да верува дека е во поинаква позиција од онаа што всушност е. Има многу несакани ефекти во пилотската кабина. Тие можат да варираат од лажни предупредувања, очигледно губење на свесноста за ситуацијата бидејќи не сте сосема сигурни дека вашиот ГПС покажува дека сте на друго место“, објаснува Монштајн.
Монштајн го следи попречувањето на сигналот на ГПС на цивилните авиони во реално време и ги објавува податоците на Интернет. Вели, дека од почетокот на годинава има голем пораст на вакви упади во системот.
„Тие се главно околу конфликтните зони. Еден од нив би бил Блискиот Исток. Едно би било Црното Море и околу Русија. Зборуваме, во просек, околу 1.000 авиони да бидат погодени од тоа. Тоа е многу голем обем“, додава Монштајн.
Експертите велат дека владите и вооружените групи се обидуваат да го попречат ГПС за да се одбранат од проектили и беспилотни летала. Но, тоа не се случува само во воените зони. Во април, Finnair ги прекина летовите до Тарту во источна Естонија, откако прекин на ГПС спречи слетување на два авиони.
Авиокомпанијата пријави зголемување на пречки на ГПС во близина на руската граница од 2022 година - годината кога Финска поднесе барање за приклучување кон НАТО, по инвазијата на Москва на Украина.
Во тоа време, соседна Естонија соопшти дека тоа е намерна руска тактика.
„Сите разбираме дека овие хибридни напади се сè уште многу акутни. Мора да бидеме подготвени и за ова“, предупреди Хано Певкур, естонски министер за одбрана.
Русија негира дека ги нарушува ГПС сигналите. Значи, колку е опасно за авионите - и нивните патници?
„Има многу системи во авијацијата кои се вградени со причина. А еден од нив е, на пример, системот за предупредување за близина на земјата. Ако треба да го исклучите, затоа што ви дава лажни предупредувања, тоа ги отстранува безбедносните маргини. Тоа не е добро. На долг рок, може да има висок ризик нешто да се случи“, посочува Монштајн.
Блокирањето и измамата со сигналот со ГПС влијае и на навигацијата.
Жителите на Москва неодамна се пожалија на неисправни апликации за паметни телефони - како што се апликациите за такси или за испорака на храна. Експертите го поврзуваат тоа со руските обиди да се одбранат од украински беспилотни летала. Кремљ не коментираше.
Facebook Forum