Линкови за пристапност

Честитки од државно-владиниот и политички врв на Северна Македонија до Доналд Трамп


Честитки од државно-владиниот и политички врв на Северна Македонија до Доналд Трамп
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:10 0:00

Во честитките, упатени преку социјалните мрежи, се потенцира сојузништвото меѓу Вашингтон и Скопје и очекувањата дека соработката ќе се продлабочи со новата американска администрација. 

Државно-владиниот и политички врв на Северна Македонија веќе му честита на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД. Во честитките, упатени преку социјалните мрежи, се потенцира сојузништвото меѓу Вашингтон и Скопје и очекувањата дека соработката ќе се продлабочи со новата американска администрација.

„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот. Уверена сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели“, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Фејсбук.

Честиташе и спикерот Африм Гаши.

„Овој значаен момент ја одразува силата на американската демократија. Северна Македонија била и ќе остане силен сојузник на развојните и стабилизациските политики на Соединетите Држави. Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка. Посакувајќи му успех во водењето на земјата и во реализацијата на неговата агенда за иднината, ја изразуваме нашата целосна подготвеност за продлабочување на соработката со новата американска администрација, за зајакнување на нашето стратешко партнерство“, напиша претседателот на Собранието.

Премиерот Мицкоски, во својата честитка, вели дека „оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата“.

„Избраа напредок кое тие го избраа како приоритет, го избраа претседателот Трамп. Тоа го честитав, не само нему, туку и на луѓето околу него. Знаете дека овде беше г-дин Хаурад Лутник, тој е претседател на транзицксиот тим. Денеска разменивме порака, како и Ричард Гренел за кој очекувам да биде дел от тимот на претседателот Трамп. Очекувам уште поголемо зајакнување на добрите односи меѓу двете земји. Очекувам економските приоритети да бидат уште позасилени“, изјави премиерот Мицкоски.

Честитки дојдоа и од лидерите на опозицијата.

„Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави имаат долгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш взаемен напредок и благосостојба“, напиша претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Очите на целиот свет се насочени кон Соединетите Американски Држави каде се гласаше за 47-ми претседател на водечката земја во демократскиот свет. Американските гласачи се определија за импресивно враќање на претседателот Трамп во Белата куќа во Вашингтон. Му честитам на американскиот народ и на претседателот Трамп за неговиот денешен избор и го споделувам уверувањето дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш за конечно да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа“, порача Али Ахмети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG