Повеќе од 64.000 смртни случаи во појасот Газа предизвикани од насилство. Една нова студија во медицинското списание „Лансет“ вели дека Министерството за здравство управувано од Хамас пријавил помал број на загинати за повеќе од 40 проценти помеѓу 7 октомври 2023 година и 30 јуни 2024 година.
Коавторката на извештајот Зина Џамалудин вели:
„Во реалноста, бројот на смртни случаи може да биде поголем ако го вклучиме и прашањето за недостапност до здравствена заштита, срцеви удари и некои од тие аспекти - заразни болести, мајчинска грижа, бремени жени кои не можат да добијат пристап до соодветно породување и така натаму“, вели Џамалудин.
Педесет и девет проценти од загинатите се жени, деца и постари луѓе, според рецензираниот извештај на Лансет - приближно во согласност со другите проценки.
Не е идентификуван бројот на борците на Хамас меѓу загинатите.
Во соопштението, израелската амбасада во Лондон изјави за Гласот на Америка, цитирам „не може да се верува на секоја информација што потекнува од Газа, ниту може да ја игнорирате историјата на Лансет за неоснована критика против Израел“.
Гласот на Америка не може да ги потврди бројките бидејќи Израел не дозволува новинари да влезат во Газа.
Истражувачите вкрстуваа три различни извори или списоци: Министерството за здравство во Газа, онлајнанкета за пријавени смртни случаи и некролози на социјалните мрежи, вели Џамалудин.
„Важно е во списокот да немаме дуплирање, така што не сакаме истото лице да биде наведено повеќепати. Правиме многу чистење. Но, тогаш ги поврзуваме сите три списоци заедно“, објаснува Џамалудин.
Истата техника се користи за проценка на смртните случаи во други конфликти, додава таа.
„Се користеше во Судан и Јемен. Истата е користена и во Косово, а дел од овие докази се користени и во Меѓународниот суд на правдата“, вели Џамалудин.
Израел ја започна својата војна против Хамас во Газа по прекуграничниот напад на милитантната група на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили.
САД, Обединетото Кралство, Европската Унија и други, го прогласија Хамас за терористичка организација.
Facebook Forum