Гласачите во Висконсин го избраа Доналд Трамп во 2016 година, но и Џо Бајден четири години подоцна. И двата пати беше блиску.
Значи, Висконсин би можел да биде на едната или на другата страна на овие избори со речиси рамномерно поделен електорат во повеќето анкети на јавното мислење.
Во тесна трка, двете страни се обидуваат да добијат терен со нови гласачи. За републиканците, тоа значи обид за намалување на историската предност на демократите со црните гласачи.
Орландо Овенс е првиот афроамерикански претседавач со Републиканската партија во округот Милвоки.
„Кој го поддржува образованието на вашето дете во моментов? Кој ги поддржува црните бизниси во моментов? Кој ја поддржува идејата за безбедна граница во моментов? Кој ја поддржува идејата за вашите права за оружје во моментов, за да можете да се браните?“, вели Овенс.
Пред четири години, Бајден го освои Висконсин со помалку од 21.000 гласови, но го освои Милвоки со повеќе од 145.000 гласови.
Анализата на Универзитетот Маркет, вели дека 53 отсто од победничките гласачки ливчиња за Бајден дошле од заедниците со мнозинско црно население.
„Милвоки не мора да стане републиканско место. Треба само да имаме нагорна линија. Ако ја освоиме сојузната држава ќе ја освоиме државата“, додава Овенс.
Трамп им кажа на приврзаниците дека неговите повеќекратни кривични обвиненија му помогнале со црните гласачи.
„Многу луѓе рекоа дека затоа им се допаѓам на црнците оти тие се толку многу повредувани и дискриминирани, а гледаат како мене ме дискриминираат. Тоа е прекрасно“, рече Трамп.
Бајден не може да си дозволи да го изгуби гласот на црнците во Висконсин, а неговата кампања го знае тоа, вели професорката по политички науки Кети Коен.
„Повеќето кои ги следат изборите би рекле дека без Милвоки, Бајден лесно го губи Висконсин. Мислам дека кампањата на Бајден го разбира тоа. Мислам дека ќе видиме длабока инвестиција во реклами, пораки и посети“, смета Коен.
Бајден минатиот месец беше во Висконсин и најави ново финансирање за да помогне да се исправат, како што рече, „историските грешки“.
„Со генерации црните, кафеавите и домородните Американци, азиските и хавајски заедници, не беа целосно вклучени во нашата демократија, во нашата економија“, истакна Бајден.
За Милвоки, Бајден вели дека тоа значи нови тротоари и велосипедски патеки, заедно со автобуски патеки и модерна инфраструктура.
„Овие подобрувања го менуваат животот. Тие, исто така, ќе им олеснат на историските црни заедници на север и на латиноамериканските заедниците на југ, да пристапат до работни места, училишта и можности за забава во градот и во централното подрачје“, порача Бајден.
Берберот од Висконсин Антонио Перкинс вели дека уште размислува што да одлучи.
„Јас сум неодлучен. Смешно е, гласав за Бајден да го тргне Трамп од функцијата минатите избори и сега повеќе се вртам кон Трамп, бидејќи работите за кои мислевме дека ќе бидат подобри, всушност се влошија. Така, да, дефинитивно не знам што да одлучам во овој момент“, вели Перкинс.
Таа неизвесност меѓу традиционално демократските гласачи ја прави веќе тесната трка во Висконсин фокус на двете кампањи се` до денот на изборите.
Facebook Forum