Линкови за пристапност

Бајден и Трамп во трка за гласови од клучната држава Пенсилванија


Бајден и Трамп во трка за гласови од клучната држава Пенсилванија
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:02 0:00

Пенсилванија е една од неколкуте американски сојузни држави кои би можеле да го одредат исходот од претседателските избори во ноември. Дописникот на Гласот на Америка, Скот Стернс, гледа што прават Џо Бајден и Доналд Трамп за да победат таму.

Пенсилванија е политички поделена сојузна држава која може да го одреди исходот на на овие избори.

Мајкл Санчес предава политички науки на Универзитетот Темпл во Пенсилванија.

„Доналд Трамп победи во 2016. Во 2020 година победи Џо Бајден. И во двата периоди разликата беше од 40.000 гласови или 80.000 гласови во сојузна држава од милиони луѓе. Значи, ние сме тесно поделени”, вели Санчез.

Санчес вели дека главната грижа на гласачите во Пенсилванија на овие избори се економијата и имиграцијата.

„Многу се зборува меѓу луѓето на Бајден кои се обидуваат да ги истакнат позитивните страни во економијата. Тоа сè уште не се чини дека навистина ја опфатило пошироката јавност. Така, тие се уште се многу загрижени за економијата. Луѓето се загрижени за имиграцијата и јужната граница, иако Пенсилванија не е ни блиску до јужната граница”, додава Санчез.

Кампањата на Трамп во Пенсилванија вклучува напаѓање на граничните политики на Бајден и иницијативи за чиста енергија.

„За да размислите низ што треба да поминеме и нештата што ги поднесуваме, со границата, без енергетска независност, со сите електрични автомобили, дали сите ќе сакаат да купат електричен автомобил до крајот на вашиот живот?”, рече Трамп.

Електричните возила и кинескиот увоз се чувствителни прашања во држава во која синдикалните гласачи се политички активни и организирани.

Бајден овој месец четири пати ги зголеми увозните давачки за кинеските електрични возила, велејќи дека нелојалната конкуренција ги мами американските работници.

„Решен сум дека иднината на електричните возила ќе биде направена во Америка од синдикалните работници", рече Бајден.

Трамп на сопствениците на оружје во Пенсилванија им рече дека на Бајден му недостига карактер за да служи уште четири години.

„Џо Бајден е најлошиот, најнеспособниот и најкорумпираниот претседател во историјата на нашата држава", истакна Трамп.

Бајден пораснал во градот Скрентон во Пенсилванија и води кампањи за тие локални работнички корени, прикажувајќи го Трамп како некој за кој тој вели, цитирам „се поклонува на милијардерите“.

„Сите знаеме такви момци додека растеме. Мојата визија за Америка е надеж и можности. Поглед од Скрентон, тоа се Американците од работничката класа како тебе", рече Бајден.

Кандидатката за потпретседател на Бајден, потпретседателката Камала Харис, водеше кампања во Пенсилванија што е нејзина четврта посета оваа година.

„Ние веруваме во ветувањето на Америка, ветување за слобода, еднаквост, можности и правда, не само за некои, туку и за сите”, истакна Харис.

Таа рече дека гласачите во Пенсилванија не треба да бидат заведени од Трамп и неговите сојузници.

„Во овој момент, екстремистите се обидуваат да ја поделат нашата нација. И ние ги гледаме како поттикнуваат ксенофобија и омраза”, посочи Харис.

Трамп им порача на жителите на Пенсилванија дека ќе ја врати позицијата на Америка.

„Ќе ја вратиме американската сила дома. Бевме почитувани пред четири години низ целиот свет. Денес нè сметаат за шега. Тоа нема да трае уште долго", истакна Трамп.

Политичкото истражување на Филаделфија Инквајер овој месец покажува дека нема голема разлика меѓу Бајден и Трамп во Пенсилванија, со помала поддршка за Бајден и кај младите и кај афроамериканските гласачи во споредба од пред четири години. Тие групи беа во фокусот на Бајден за да победи во 2020 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG