Линкови за пристапност

Анализа: Што нудат кандидатите за нов лидер на СДСМ?


Анализа: Што нудат кандидатите за нов лидер на СДСМ?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:30 0:00

Од целосна реформа и нов почеток до враќање чекор назад за преиспитување - така размислуваат кандидатите кои се борат за лидерската позиција кај нивното членство. Автор: Мики Трајковски .

Славјанка Петровска, Јован Деспотовски, Александар Бајдевски или Венко Филипче - кој ќе ја добие довербата за нов лидер на СДСМ ќе се знае на крајот на месецот, на внатрепартиските избори.

Ако Петровска биде избрана за претседателка, таа најавува целосна реорганизација на партијата, но и промени во начинот на кој се бираат одредени кадри.

Бајдевски, пак, фокусот во неговата програма го става на идеологијата, организациската структура, општественото делување и капацитетот за коалицирање.

„Со точно акцентирање кој позиции на каков начин ќе бидат избирани ќе се отстранат голем дел од недостатоците, кои изминатиот период се покажаа како сериозни и веројатно секој на свој начин допринел за овој лош резултат на изборите“, вели Славјанка Петровска.

Александар Бајдевски се залага за чекор назад, за да се согледа суштината на партијата:

„Некои од моите противкандидати велат дека ни треба нов СДСМ или нов почеток. Јас сметам дека треба да се вратиме чекор назад, бидејќи СДСМ е државотворна партија, која е поставена на постулатите на двата наши Илиндена. И затоа сметам дека тоа е една од основните работи без кои понатаму не можеме да продолжиме“.

Јован Деспотовски вели дека стожерот во неговата програма е нов почеток на СДСМ, што би значело целосно прекинување на сите досегашни политики, начинот на нивно спроведување, како и кадровските решенија.

„Она што планираме е да покажеме еден нов, конструктивен пристап кон Владата. Не само да критикуваме, туку и да нудиме конкретни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните. СДСМ ќе изгради еден силен систем на стручни тела во рамки на самата партија, кои ќе бидат професионализирани, кои ќе бидат Влада во сенка. Тоа е една од организациските новини, кои ги предвидуваме во самата програма“, вели Деспотовски.

На прашањето дали СДСМ може повторно да се врати на старите патеки, добивме вакви одговори:

„Има доволно и човечки потенцијал, кој може да и помогне на партијата. А, впрочем, тоа е мојата девиза, обединувањето и враќањето на сите оние кои ја сакаат СДСМ. И на Македонија и на СДСМ ѝ треба силна и стабилна опозиција, која во скоро време ќе биде подготвена да ја преземе власта“, смета Петровска.

Бајдевски верува дека работите можат да се променат многу бргу:

„Со напорна работа, со еден сеопфатен ангажман, добра програма и акционен план, сметам дека за четири години СДСМ ќе може да биде силен конкурент на ВМРО-ДПМНЕ“.

Деспотовски исто така е оптимист дека СДСМ може да се врати на победничките патеки:

„Јас сум убеден дека веќе на следните локални избори СДСМ ќе покаже, со овој нов почеток и нов пристап во работењето, една нова енергија, дека се враќа на победничките патеки. Очекувам трендот на опаѓање кој го имавме до минатите избори да го превртиме и да тргнеме нагоре и да дојдеме до ситуација во која нема да биде прашање дали, туку кога СДСМ ќе биде носител на извршната власт во Македонија“.

Венко Филипче не сакаше да даде изјава, до, како што рече, завршување на кампањата и одржувањето на изборите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG