Американскиот педијатар Ирвин Редленер и неговата сопруга Карен го посветиле нивниот живот помагајќи им на деца кои се или трауматизирани или поминуваат низ криза.
„Ова е нашиот живот. И работам со деца во катастрофи, деца кои живеат во екстремна сиромаштија овде, деца бегалци на различни места“, вели Редленер.
Идејата да им помогне на украинските деца му дошла откако неговата пријателка, пејачка и активистка Џоан Баез, направила портрет на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„За 24 часа продала 250 слики, секоја околу 500 долари. И рече: Имам 130.000 долари -150.000 долари, на кого да му ги дадам да ѝ помогне на Украина?Ѝ реков: „Џоан, немам идеја, но ќе дознаам“, вели Редленер.
Во мај 2022 година, парот ја посетил Полска, а потоа Лавов во Украина, за на лице место да дознае како најдобро би можеле да се искористат средствата собрани од Баез.
Токму во болницата во Лавов, кога Редленер првпат видел деца жртви на руската агресија, сфатил што треба да направи.
„Едно дете, десетгодишно девојче, имало тешка повреда на главата. Таа видела кога двајцата нејзини родители биле убиени со пиштол од руски војници, и двајцата... Беше премногу, дури и за мене, а јас сум многу искусен во оваа област“, раскажува Редленер.
По таа посета, Редленер го основал непрофитниот Украински проект за акција за деца во мај 2022 година. До мај оваа година, собрале над 4.800.000 долари за оваа цел.
Со овие пари тие можеле да поддржат преку 30 различни програми преку нивните партнери во Украина и да помогнат на повеќе од 40.000 деца.
„Ние им помагаме на децата во образовниот процес. Мојата сопруга разви програма за обука на наставници на украински. Како да работат со децата со психолошки трауми кои се во нивните училници, затоа што наставниците овде или таму навистина не знаат. Тие немале обука што да се прави со тешко трауматизираните деца“, вели Редленер.
Преку проектот, исто така, биле организирани кампови за раселените семејства, каде психолошките проблеми на децата станале повеќе видливи.
Редленер проценува дека околу милион украински деца денес имаат психолошка траума со различен степен на сериозност.
„Гледаме 8-годишни деца кои никогаш не биле во нормална училница. И ако не можат да читаат на нивото на нивното одделение, кога имаат 8-9 години, тоа ќе влијае на остатокот од образованието“, посочува Редленер.
Редленер вели дека е воден од идејата дека еден ден војната во Украина ќе заврши и на земјата ќе ѝ требаат нејзините деца да бидат образовани, психолошки подготвени и доволно сигурни за да може да ја обноват Украина.
Facebook Forum