Кога Русија ја нападна Украина, воздухопловните сили на земјата немаа многу. Само околу 125 поранешни застарени советски авиони и недостиг на заштитна опрема за пилотите. Пензионираниот потполковник на воздухопловните сили на САД Тревор Герстен, ја воочил таа потреба за Украинците.
„За мене, тоа не беше политичко прашање, тоа беше личен поттик да им помогнам на некои од пријателите кои ги запознав. Опрема што им беше потребна, без разлика дали тоа е опрема за летање за заштита од пожар или медицинска опрема. Така започнав – сакајќи да им помогнам на моите пријатели“, вели Герстен.
Заедно со својот пријател, поранешниот пилот на Ф-16, Петер Гринбург, ја започнал иницијатива наречена - Flight Gear Ukraine.
Побарале помош и од други поранешни пилоти на САД, и европски колеги, барајќи од нив да ја донираат својата стара опрема.
„Еден западен пилот на НАТО, кога ќе излезе кон својот авион, има опрема на него од илјадници долари, особено корисна за студено време“, вели Гринбург.
Преку глобалната мрежа на пилотите, Герстен и Гринбург успеале да соберат и испорачаат над 500 авионски одела, 180 јакни за летање, стотици огноотпорни покривки за глава, ракавици, спасувачки елеци за преживување и комплети за прва помош до украинските борбени пилоти поморските сили и армиски бригади.
Facebook Forum