Поддржувачите на Џулијан Асанж одржаа демонстрации пред Високиот суд на Велика Британија додека основачот на Викиликс се обидува да ја блокира неговата екстрадиција во САД под обвинение за шпионажа.
Асанж не присуствуваше поради влошено здравје.
За време на дводневното рочиште што заврши во средата, адвокатите на одбраната тврдеа дека Асанж едноставно ја извршувал својата работа како новинар со објавување на украдените документи.
„Особено кога опфаќа прашања како што се воени злосторства, злосторства против човештвото, обвиненија за измачување - тоа се навистина сериозни работи кои се од значаен јавен интерес. Како резултат на тоа, тие велат дека тоа е надвор од договорот за екстрадиција меѓу САД и Велика Британија. Вториот аргумент што го наведоа дека ова е покриено со слободата на изразување“, вели Сајмон Кротнер од Амнести Интернешенал.
Асанж се соочува со 18 федерални обвиненија во САД во врска со наводите за хакирање и кражба на доверлив материјал.
„САД тврдат дека протекувањето информации од Џулијан Асанж ја загрозило националната безбедност и биле ставени под ризик некои од нивните извори“, додава Кротнер.
Во 2010 година, Викиликс објави низа украдени дипломатски телеграми поврзани со војните во Авганистан и Ирак, за кои Асанж рече дека откриваат злоупотреби од армијата на САД.
Властите велат дека Асанж ги открил идентитетите на информаторите, загрозувајќи ги нивните животи.
Асанж првпат беше уапсен во Британија во 2010 година поради неповрзани наводи за силување и сексуален напад во Шведска. Понуди кауција и побара засолниште во Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што живееше седум години.
Во 2019 година, Асанж беше протеран од Амбасадата и притворен поради прекршување на кауцијата. Британската влада потпиша налог за екстрадиција во САД во јуни 2022 година по неуспешните правни предизвици за спречување на постапката.
Сопругата на Асанж, Стела, постојано тврдеше дека животот на 52-годишниот Асанж е во опасност.
„Тоа е напад врз сите новинари ширум светот. Напад врз вистината и правото на јавноста да биде информирана. Џулијан е политички затвореник. Неговиот живот е во опасност“, истакна Стела Асанж.
Демонстрации со повик за ослободување на Асанж се одржаа во многу градови ширум светот. Австралискиот парламент минатата недела повика на Асанж да му биде дозволено да се врати во својата татковина.
До конечната одлука на Високиот суд во Лондон се очекува да поминат од неколку дена до неколку недели.
Доколку судиите пресудат во негова корист, Асанж би можел да поднесе жалба против неговата екстрадиција. Ако бидат исцрпени сите законски процедури, случајот може да заврши пред Европскиот суд за човекови права.
Сепак, Британија би можела да го екстрадира Асанж и пред европските судии да се произнесат за случајот.
Facebook Forum