„Проширувањето значи дека земјите-кандидатки имаат реформи за имплементирање, знаат што треба да направат, а ние, ЕУ, треба да се подготвиме“, рече Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Мишел, беше првиот, кој пред еден месец, отворено кажа дека ЕУ треба да се подготвува за прием на нови членки веќе во 2030, посочувајќи дека овој датум нема да зависи само од подготвеноста на Унијата, туку и од постигнувањата на секоја од земјите-кандидатки.
Тоа денеска го повтори и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Проширувањето, тука ќе треба сите домашната задача да ја завршиме. Се разбира дека земјите-кандидатки треба да си ја завршат домашната за да влезат во ЕУ, но треба и ние, како ЕУ, да завршиме домашна работа – комисијата ќе работи на ревизија на одредени политики во различни сфери за ние да може да бидеме подготвени за проширување“, рече таа.
На стравувањата кај дел од јавноста во државите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и земјава, за тоа што претставува Европската политичка заедница, денеска дојде јасен одговор.
„Да бидеме јасни, Европската политичка заедница не може да биде замена за проширувањето зашто проширувањето е и останува најсилна геополитичка алатка на ЕУ. Тоа е инвестиција во мир, безбедност, демократија и проспертитет. Една од моите пораки е дека мораме да почнеме искрена дискусија за наша внатрешна реформа. Мора да бидеме подготвени, кога кандидатките ќе бидат спремни“, изјави Роберта Мецола, претседателка на ЕП.
Македонија, меѓу другитe реформски обврски, мора да ги заврши и уставните измени кои се услов за отворање на преговарачките поглавја, нешто што е неизвесно поради разликите меѓу власта и опозицијата.
Дел од членките на ЕУ порачуваат да се преземе овој чекор заради иднината на земјата.
„Ирска целосно го поддржува барањето на Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. Приклучувањето на ЕУ ни помогна да ја трансформираме нашата економија, да ја надградиме, за да можат младите да останат дома и да ги градат своите животи таму, како и да откријат и други можности“, вели Лео Варадкар, премиер на Ирска.
Слична порака, денеска прати и шефот на државата Стево Пендаровски – национално помирување и прогрес, кој, како што рече ќе ги задржи младите во Македонија.
„Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото, преку подигнување на квалитетот на животот, наша должност е да ја вратиме надежта кај младите генерации дека можат да се остварат и тука, во својата татковина.“
Засега, партиското помирување за сметка на државните интереси е малку веројатно.
Шефот на опозицијата денеска се сретнал со евроамбасадорот – според партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го „информирал Дејвид Гир за секојдневните коруптивни скандали на луѓе од владата, неспособноста на одговорните да се справат со корупцијата и незадоволството на граѓаните“.
Во соопштението не се спомнува лидерска средба за одржување на изборите – барање кое вчера Мицкоски го испорача, а на кое следеше одговор од премиерот Ковачевски „дека може да има средба со учество на сите лидери, но дека тоа прашање е апсолвирано зашто државата има поважен процес од избори како што се одлуките за продолжување на ЕУ-патот на земјата“.