Линкови за пристапност

Ковачевски вели дека и Мишел и Макрон зборуваат за иста работа – отворена врата за прием во 2030 година


Премиерот не гледа каква било разлика во изјавите на францускиот и претседателот на Европскиот совет, Макрон и Мишел. Ковачевски, кој беше присутен во Блед, каде се изнесе 2030 како година за можен термин за прием на нови членки во Унијата, повторува дека сега сè зависи од внатрешната подготвеност на земјата да ги спроведе реформите, но и да ги усвои уставните измени, за кои засега нема поддршка од опозицијата.

„За првпат по 20 години има изјава на претседател на европски совет дека 2030 година е годината кога треба да се случи наредното проширување на ЕУ и дека ќе се водат два паралелни процеса – првиот е реформа на ЕУ и вториот е реформите во земјите-кандидатки за членство во ЕУ. Изјавата на претседателот Макрон не се разликува од оваа изјава на претседателот на Европскиот совет – дека во ЕУ се пристапува според реформите кои се направени. Ние, според преговарачката рамка, имаме и да спроведеме уставни измени, така што од нас зависи како и на кој начин ќе пристапиме во ЕУ. Јас предводам европска коалиција која вели дека до 2030 С.Македонија ќе биде првата западнобалканска држава која ќе стане членка на ЕУ, а од друга страна имаме антиевропска и изолационистичка коалиција која вели дека сака изолација, дека сака да чека 10, 20, 30 години, но не нуди друга алтернатива. Затоа, велам дека сега од нас зависи, зашто позитивниот сигнал од Европа е тука – 2030 година. ВМРО-ДПМНЕ досега нема поддржано ниту една стратешка одлука за државата и ова треба да им биде момент да се охрабрат и еднаш да поддржат стартешка одлука за подобра иднина на граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.

Тој уште една повика на единство за оваа цел, но и голема доза на оптимизам дека 2030 е дофатлива цел за Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

XS
SM
MD
LG