Линкови за пристапност

Пендаровски: Ако се инсистира на решавање на историски прашања, никој од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ


Интензивирање на стратешкиот дијалог со ЕУ за забрзување на пристапувањето на регионот кон ЕУ, зајакнување на реформите на Западен Балкан, подготовки за проширување на Унијата, но не подоцна од 2030, развој на регионалната соработка и добрососедството, справување со климатските промени, задржување на младите... Ова се дел од клучните заклучоци во Декларацијата, која денеска во Скопје, ја усвоија лидерите од Западен Балкан, заедно со хрватскиот и словенечкиот претседател, во рамките на процесот Брдо-Бриони.

Околу прашањето на добрососедските односи, тема која силно ја засега евроинтеграцијата на земјава, шефот на државата Пендаровски и домаќин на собирот, беше јасен – „ако се инсистира на решавање историски прашања, никој од Западен Балкан нема да влез во ЕУ“, рече Пендаровски.

Усвоена декларацијата за ЕУ од лидерите на Западен Балкан
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

„По однос на нашите аспирации досега, јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Во последните три години посебно, ние имаме сериозен дебаланс во таа смисла, бидејќи билатералниот проблем со Бугарија ја покри целокупната традиционалната европска агенда за проширување. Ние се надеваме дека тоа час поскоро ќе се промени, бидејќи ако инсистирате на Западниот Балкан да бидат решени чисто билатералните спорови, посебно ако се базираат на историја или на емоции, тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ било кога“, рече претседателот Пендаровски.

Сличен е ставот и на словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар, и шефот на хрватската држава, Зоран Милановиќ – дека отворените билатерални прашања не треба да бидат пречка во пристапувањето кон Унијата. Милановиќ зборуваше и за ситуацијата меѓу Србија и Косово.

„Отворени прашања постојат, особено меѓу Србија и Косово кои меѓусебно не се признаваат. Тоа се процеси кои се одвиваат паралелено и уште еднаш ќе повторам сметам дека овој вид на дијалог е вреден и дека најлошо е кога ќе стивнат телефонските линии, тоа е смрт за комуникациите и за дијалогот“, рече претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.

И српскиот претседател Вучиќ кусо се осврна и на, во моментот, најгорливото прашање во регионот - односите меѓу Белград и Приштина.

„Немаше големи кавги и тепачки зашто и ние и Приштина ги оставивме нашите проблеми за в четврток во Брисел, така што повеќе се зборуваше за односот на овој регион со ЕУ, отколку за нешто друго... Во Декларацијата пишува членство во ЕУ до 2030 година, тоа според мене, се само убави желби, но кој сум јас да го уривам оптимизмот кај другите...“, рече Вучиќ.

Во изминатиот период, 2030 година, силно се експлоатираше по изјавата на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, дека Унијата треба да се подготви за прием на нови членки токму до 2030, датум кој како цел си го зацрта и владата на премиерот Ковачевски.

XS
SM
MD
LG