Линкови за пристапност

Ќировски, тренер на „Мериленд Терапинс": Живеам во светот на фудбалот!


Вообичаено, фокусот е на американскиот фудбал и кошарката, но јас успеав да го наметнам и овој спорт да биде еден од најпрестижните на Универзитетот, вели Ќировски за Глас на Америка.
Вообичаено, фокусот е на американскиот фудбал и кошарката, но јас успеав да го наметнам и овој спорт да биде еден од најпрестижните на Универзитетот, вели Ќировски за Глас на Америка.

Фудбалот е убедливо најпопуларниот спорт во Северна Македонија, но малкумина се свесни за важните достигнувања и легендарниот статус што Ќировски го ужива во универзитетскиот фудбал во НЦАА во САД.

Од неговото пристигнување во познатиот Колеџ Парк во 1993 година, Сашо Ќировски го трансформира Мериленд во национален фудбалски гигант: водејќи ги „Терапинс“ до титулите НЦАА во 2018, 2008 и 2005 година, 9 настапи во Колеџ - купот и 15 титули на конференции, сето тоа истовремено промовирајќи професионални играчи на највисоко ниво.

Едно е константно повеќе од 30 години – победничкиот, нескротлив дух на фудбалскиот тим Универзитетот Мериленд, под палката на стратегот 60-годишниот Сашо Ќировски.

Вака играа „Мериленд Терапинс" на натпревар со долгогодишниот ривал, Универзитетот на Мичиген.

Одлична фудбалска атмосфера, на домашен терен.

Стратегијата ја крои тренерот со најголем број успеси за Универзитетот на Мериленд и еден од најпризнаените во Канада и САД, Македонецот Сашо Кировски.

Биле национални шампиони на универзитетско ниво. И, тоа неколку пати.

Познавачите за голем успех ги сметаат не само шампионските титули, туку и постојаноста на тимот. А таа, несомнено се должи на нивниот тренер Сашо Ќировски, кој ја води оваа екипа веќе 31 сезона.

Неговата приказна започнува во Вратница, Tетовско.

Помеѓу многуте овековечени сеќавања во неговата канцеларија, се осврна на детството во Македонија и упорноста да успее.

Растел во Онтарио, Канада. Добил понуда да игра како млад за Абердин во Шкотска, но ја одбил и ја прифатил понудата за стипендија од Универзитетот во Висконсин да се школува и да игра фудбал. Тоа му го сменило животот.

Што е формулата за успех?

Мора да имаш страст во тоа што го правиш.
Ќировски, тренер

„Го работам, тоа што го сакам. Мора да имаш страст во тоа што го правиш. Кога ја завршив кариерата како играч, продолжив со образованието и стекнав магистерска диплома за бизнис, ги положив сите сертификати за тренер и станав најмлад фудбалски тренер. Сакав да живеам во светот на фудбалот!“, изјави Сашо Ќировски, фудбалски тренер на „Мериленд Терапинс".

Привилегија или предизвик, за епитетот, тренер со најмногу фудбалски победи во историјата на Универзитетот на Мериленд.

„Мислам дека е привилегија кога си добил шанса да останеш во универзитетскиот фудбал онолку долго колку што сум јас, и самата поддршка што ја добивам од Универзитетот. Вообичаено, фокусот е на американскиот фудбал и кошарката, но јас успеав да го наметнам и овој спорт да биде еден од најпрестижните на Универзитетот“, вели Сашо Ќировски, фудбалски тренер на „Мериленд Терапинс".

За овогодишната цел од тимот на Мериленд, тренерот Ќировски не ги крие амбициите.

„Очекувањата секоја година од мојот тим сме да бидеме -национални шампиони. За 30 години, 9-те пати бевме меѓу четирите најуспешни, а имаме и три шампионски титули. Мојот критериум е секогаш висок, секогаш одиме на победа!, категоричен е Сашо.

Ќировски вели дека активно го следи и подемот на македонскиот репрезентативен фудбал.

„Последните неколку години, со победите против Германија и Италија, и пласманот на Европското првенство беше фантастично. Но, има недостиг од ресурси, и понатаму треба да се вложува во младите фудбалери да имаат што поголеми можности, како што имаат оние од соседството на Македонија“, сугерира овој тренер.

Успешниот фудбалски стратег од македонско потекло го запрашавме и за мислење за улогата на Лео Меси во американската фудбалска професионална лига и неговиот придонес во популаризирање на овој спорт во САД.

МЛС, како лига, за 5, 10 или 50 години, ќе биде најдобрата лига за професионална фудбал во светот.
Ќировски, тренер

„Професионалната фудбалска лига прерасна во успешна приказна. Фактот што успеавме да привлечеме фудбалери како Бекам, Златан Ибрахимовиќ, Руни, сега Меси, кој дојде во САД по шест месеци откако го освои Светското првенство со Аргентина е одлична работа дека Америка не е само привлечна како добро место за живеење, туку и за играње фудбал. МЛС, како лига, за 5, 10 или 50 години, ќе биде најдобрата лига за професионална фудбал во светот“, додава Ќировски.

Тој смета дека допрва доаѓа времето на машката фудбалска репрезентација на САД, чија земја, заедно со Канада и Мексико ќе бидат домаќини на следниот Мундијал во 2026-та:

„2026-та ќе биде добра платформа за исчекор на репрезентацијата која ќе игра пред домашна публика. САД имаат големи шанса да се пласираат во четвртфиналето. Сегашната репрезентација е во подем и има големи шанси да има успех на Светското првенство за 4 години“, вели овој успешен фудбалски тренер.

Ако ве води патот до Универзитетот Мериленд да проследите фудбалски натпревар на чело со популарниот Сашо, како што го ословуваат сите неговиот симпатизери, љубители на фудбалот, и играчи, на крајот, неизбежен дел е заштитниот сладолед, направен во негова чест!

Појдете да гледате фудбал, и да јадете сладолед! Два задоволства, на еден натпревар на теренот на Универзитетот Мериленд.

XS
SM
MD
LG