Линкови за пристапност

За Светското првенство во Русија потрошени рекордни 15 милијарди долари


Бразил беше домаќин на последниот Мундијал, за што беа потрошени околу 11 милијарди долари

Светското фудбалско првенство во Русија, е најскапото досега, со потрошени 15 милијарди долари. Близу 3 милијарди биле потребни за изградба на 12 нови или реконструкција на постоечки стадиуми, а најмалку 8 милијарди долари биле инвестирани во инфраструктура, вклучувајќи нови патишта, железнички пруги и аеродроми.

Дали тоа е добро за рускиот даночен обврзник?

Професорот Леонид Григорјев, економист во Аналитичкиот центар за Владата на Руската Федерација, нуди необична аналогија.

„Дискусијата за ефикасноста на шампионатот во Русија, како и во Бразил, е иста како онаа за економската исплатливост дали да купите венчаница за свадба. Од една страна, тоа е потребно. Тоа ги прави сите среќни“, изјави Григорјев за интервјуто на Гласот на Америка. „Точната економска ефикасност дефинитивно не може да се дефинира во американските квартални финансиски извештаи. Тоа е долгорочна приказна. Се надеваме дека ќе станеме не само земја на хокеј, туку и земја на фудбалот“, додава тој.

Бразил беше домаќин на последното Светско првенство, што чинеше околу 11 милијарди долари. Четири години подоцна, некои од нивните навивачи почувствуваа промени.

„Споредувајќи го Бразил со Русија, инфраструктурата тука е многу подобра од нашата“, рече Марсио Песоа за Гласот на Америка, кој уживаше во фестивалската атмосфера на црвениот плоштад во Москва.

Инвестицијата во вредност од 15 милијарди долари, е насочена кон угледот и сликата на Русија во очите на светот, дури и кога се соочува со санкции поради инвазијата на Украина во 2014-та година и анексијата на Крим.

„Путин се преправа со сета сила дека сето тоа не е важно за него. И, покрај санкциите, ние правиме прекрасно Светско првенство. И покрај санкциите, продолжуваме со војната во Сирија. И луѓето уживаат во тоа - до оној момент кога ќе почувствуваат дека за сето ова задоволство, тие плаќаат од своите џебови. Токму сега, тие почнуваат да го чувствуваат тоа“, рече политичкиот аналитичар Дмитриј Орешкин.

На денот на отворањето на Светското првенство минатата недела, владата најави постепено зголемување на пензиската старост, од 60 на 65 години за мажи, и многу поголем скок за жени, од 55 на 63.

„Тоа не беше навистина неочекувано. Веројатно, тие мислеа дека шампионатот, еуфоријата, некако ќе го смири ефектот. Се појави една шега за тоа. Вчера, имав четири години до пензија. Денес имам девет“, рече Ева, 62-годишната жителка на Москва.

Русија смета дека Светското првенство е делумно подарок за својата младина: незаборавни спомени и блескави нови објекти.

Турнирот завршува за еден месец, а се` што ќе остане потоа, ќе се анализира во наредните години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG