По Германија и Италија на ред е Португалија. Македонските фудбалери вечерва пред последниот тест. Дали ќе има сензација во Порто. Не сме дојдени како туристи, порача селекторот Милевски. Македонските фудбалери заслужено играат со нас, смета Кристијано Роналдо. Стотици македонски фанови пристигаат во Порто за да ги бодрат нашите фудбалери
ПОРТО - Деведесет или сто и дваесет минути ги делат македонските фудбалери и фанови до остварување на деценискиот и генерацискиот сон - учество на Светско првенство и натпреварување со најдобрите селекции во светот.
Вечерва останува да се мине и последната пречка, поранешниот еврпски шампион Португалија - „европските бразилци“ како што ги нарекуваат во спортската јавност. За да биде успехот поголем а задачата потешка македонските фудбалери играат на гостински терен.
Вечерва во 20.45 часот тие ќе истрчаат на стадионот „Драгао“ во Порто за да ги одмерат силите со селекцијата на Португалија предводена од вонсерискиот Кристијано Роналдо.
Четата на селекторот Милевски покажа дека нема тим што не може да го совлада, - паднаа светските и европски шампиони Германија и Италија. Двете победи извојувани на гости, на нивен терен. Две сензации кои громогласно одекнаа во светската јавност.
Елмас, Барди, Трајковски, Ристовски, Адеми, Димитриевски покажаа и докажаа како се игра за националниот тим и буквално што значи да се остави „срце на терен“.
Македонските фудбалери вчера одработија еден тренинг а потоа следуваше прес конференцијата на која селекторот Милевски истакна дека во Португалија не се дојдени како туристи. Тој нагласи дека домаќинот е фаворит во натпреварот но и македонската репрезентација не е случајо во последната фаза од баражот. Милевски потврди - стартниот состав е заклучен.
„Ние не сме дојдени тука како туристи, дојдовме да уживаме во натпреварот и да победиме. Никој не очекуваше да играме финале за пласман на СП, ние сме тука, нема бегање од тоа, Македонија ужива во тоа, од мене играчите имаат една порака, да уживаат во моментот и натпреварот со Португалија. Сите се спремни, за стартни единаесет немаме проблем, се знаат кои се. Не очекува различен меч од оној со Италија, не знам колку треба да бидеме подобри од мечот со Италија, Португалија е составена од извонредни играчи кои се меѓу најдобрите во европскиот фудбал. Ние си имаме свои квалитети, како тим, како целина, ќе видиме што ќе донесе победа, тимска игра, или тимска поставеност. Што се однесува до Роналдо, се работи за најдобриот играч на светот, но тој не игра сам, играат уште други десет, тие имаат извонредни играчи, и ќе треба да се сконцентрираме на Португалија како тим, а не на поединци. Португалија е фаворит, но Македонија не е случајно тука, што ќе донесе натпреварот ќе видиме“, изјави селекторот Милевски.
За капитенот Ристовски вечерва е шансата да се напише најголемиот успех во историјата на македонскиот спорт. Тој како поранешен играч на „Спортинг“ од Лисабон ги знае најдобро квалитетите на голем дел од репрезентативците на Португалија но и атмосферата која ќе ја има на „Драгао“
„Сигурно ова е најважниот натпревар во историјата на нашиот фудбал, можеби светот не веруваше дека ќе бидеме тука, оваа соблекувална има нешто што другите немаат, спремни сме за ова големо финале. Не ни сонував дека ќе играме со Португалија за пласман на СП, но затоа фудбалот е убав, првата пречка ја поминавме, тука сме да играме против 50.000 Португалци на трибините, ќе играме да победиме. Се чувствувам убаво овде, како Португалец, синот ми е роден тука, во одличен однос со многу играчи оттука, со Бруно поготово. Тоа што го знам од менталитетот на Португалија, го пренесов на селекторот, но тука се заборава пријателство и се, не очекува натпревар кој може да донесе историски успех. Патот до овде беше тежок, ако победиме ќе запишеме најголем успех во историјата на македонскиот спорт. Пред седум-осум години, бевме некако изолирани, а сега сме тука за влез на СП во Катар, нема да застанеме тука, ова ќе биде голем поттик, и прав пат за понатака“, рече капитенот Ристовски.
Капитенот на Португалија и еден од најборите фудбалери во историјата на фудбвалот, Кристијано Роналдо, истѕакна дека неговата селекција е фаворит но дека ги ќека исклучително тежок натпревар бидејќи не е случајност што Северна Македонија стигна до овој меч.
„Нашиот тим е полн со самодоверба, чувствувам дека играчите се подготвени. Играме против Северна Македонија и луѓето мислат дека ќе бидат лесен противник. Од моја перспектива, ова ќе биде исклучително тежок натпревар бидејќи Македонците се тука затоа што го заслужуваат тоа. Северна Македонија е многу организирана репрезентација, но ако Португалија одигра во своето најдобро светло, може да ја победи секоја репрезентација на светот. Секогаш се сметам себеси и мојот тим за фаворит, без разлика дали играме како гости или дома. Знаеме дека победата води на Светското првенство. Македонците успеаја да изненадат на многу натпревари, но убеден сум дека овој пат нема. Ќе победи Португалија и ќе оди на Мундијалот. Светското првенство не може да се игра без Португалија“, рече Роналдо.
Во четвртокот Северна Македонија ја шокираше Италија во баражот за Светското првенство во Катар кој се играше во Палермо со голот на Александар Трајковски во 92 минута.
И вечерва македонските фудбалери ќе имаат поддршка од стотици фанови кои ветуваат беспоштедна битка на трибините.