Линкови за пристапност

Кина вети дека ќе ја зголеми воената соработка со Москва


Кинескиот министер за одбрана рече дека вооружените сили на Кина и Русија ќе ги спроведат договорите постигнати од шефовите на државите и оти ќе ја прошират воената соработка, воено-техничките врски и трговијата со оружје
Кинескиот министер за одбрана рече дека вооружените сили на Кина и Русија ќе ги спроведат договорите постигнати од шефовите на државите и оти ќе ја прошират воената соработка, воено-техничките врски и трговијата со оружје

Шефот на кинеската одбрана вети дека ќе ја крене воената соработка со Москва на ново ниво. Оваа изјава ги одразува сè поблиските руско-кинески врски среде борбите во Украина.

Кинескиот министер за одбрана, генерал Ли Шангфу, разговараше со неговиот руски колега Сергеј Шојгу, откако во неделата присуствуваше на состанок со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.

„Вооружените сили на Кина и Русија ќе ги спроведат договорите постигнати од шефовите на државите и ќе ја прошират воената соработка, воено-техничките врски и трговијата со оружје“, рече Ли на средбата со Шојгу. „Сигурно ќе ги кренеме на ново ниво“.

Патувањето на Ли следи по минатомесечната тридневна државна посета на рускиот главен град на кинескиот лидер Шји Џјинпинг, што го одразува зајакнувањето на кинескиот ангажман со Русија.

Москва и Пекинг тесно ги усогласија своите политики во обид да го преобличат светскиот поредок за да го намалат влијанието на САД и нивните западни сојузници.

Кина одби да ги критикува акциите на Русија во Украина и ги обвини САД и НАТО за провокација на Москва.

Посетата на Шји на Москва му даде силен политички поттик на Путин, испраќајќи порака до западните лидери дека нивните напори да ја изолираат Русија пропаднале.

По разговорите, Путин и Шји ветија дополнително зајакнување на нивната „стратешка соработка“, развивање соработка во енергетиката, високотехнолошките индустрии и други сфери, како и проширување на употребата на нивните валути во меѓусебната трговија за да се намали зависноста од Западот.

По повеќе од една година борби во Украина, зависноста на Русија од Кина значително се зголеми.

Минатиот месец Путин и Шји ветија дека и понатаму де ја развиваат воената соработка меѓу Москва и Пекинг и оти ќе спроведат повеќе заеднички морски и воздушни патроли.

Сепак, немаше спомнување за какви било потенцијални испораки на оружје од Кина за Русија, од кои се плашеа САД и другите западни сојузници, а кинескиот министер за надворешни работи во петокот потврди дека Пекинг нема да продава оружје на ниту една страна во конфликтот во Украина.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG