Линкови за пристапност

Макрон го повика Шји да ја поттикне Русија на нови мировни преговори за Украина


Францускиот претседател Емануел Макрон му порача на кинескиот претседател Шји Џјинпинг да ги искористи односите на Кина со Русија за да помогне да се стави крај на руската војна во Украина.

Макрон му рекол на Шји Џјинпинг за време на денешната средба во Пекинг дека руската агресија во Украина ѝ наштетила на меѓународната стабилност.

„Знам дека можам да сметам на вас да ја вратите Русија на прав пат и сите да се вратат на преговарачка маса“, рече Макрон.

Шји им рече на новинарите дека „заедно со Франција, апелираме на воздржаност и разум“ во 14-месечниот конфликт, додавајќи дека Кина бара „брзо враќање на мировните преговори во потрага по политичко решение избалансирано и трајно“.

Кинескиот лидер рече дека неговата влада „апелира за заштита на цивилите. Нуклеарното оружје не смее да се користи, а нуклеарната војна мора да се избегнува“.

Останува нејасно дали Шји може да изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да преговара, како што побара Макрон, или дали кинескиот лидер ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој минатиот месец рече дека Кина може да биде „партнер“ во потрагата по мир.

Кина предложи мировен план за Украина, кој вклучува повик за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, но не ја повикува Русија да ги повлече своите сили од Украина.

Украинските власти рекоа дека ќе се вклучат во мировни преговори само ако Русија ја повлече целата своја војска, додека Русија инсистираше Украина да ги признае областите кои Русија ги анектира. Нема познати мировни преговори од минатиот април.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG