Линкови за пристапност

Киев и Западот не се подготвени за мировни разговори, рече Путин


Рускиот и кинескиот претседател денес потпишаа серијата документи за стратешка соработка меѓу двете земји, вклучително и планираниот гасовод што ќе испорачува руски природен гас до Кина
Рускиот и кинескиот претседател денес потпишаа серијата документи за стратешка соработка меѓу двете земји, вклучително и планираниот гасовод што ќе испорачува руски природен гас до Кина

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот колега Шји Џјинпинг денес потпишаа ново стратешко партнерство меѓу нивните земји и повикаа на дипломатско решение за војната на Москва против Украина, но Путин рече дека не гледа индикации дека владата во Киев и нејзините западни сојузници се подготвени за мировни разговори.

По дводневните разговори со Шји во Кремљ, Путин ja пофали, како што рече, „неутралната позиција“ на Кина за војната.

Кинеското министерство за надворешни работи во соопштението рече дека Пекинг и Москва веруваат дека Повелбата на Обединетите нации „мора да се почитува и меѓународното право мора да се почитува“, но не побара Русија да ги повлече своите трупи од Украина или да ги почитува меѓународно признаените граници на Украина.

Путин ги нарече разговорите со Шји „отворени и пријателски“, дискусии насочени кон зацврстување на нивното партнерство „без ограничувања“ договорено на почетокот на 2022 година, помалку од три недели пред Русија да ја нападне Украина.

Кина неодамна предложи план од 12 точки со кој се повикува на деескалација и евентуален прекин на огнот во Украина, што Западот го отфрли бидејќи ќе ги заклучи руските територијални придобивки - нејзината незаконска анексија на украинскиот Кримски Полуостров во 2014 година и повеќе области запленети од Русија во источна Украина за време на нејзината 13-месечна инвазија.

Путин рече: „Ние веруваме дека многу од одредбите на мировниот план што ги предложи Кина се во согласност со руските пристапи и може да се земат како основа за мирно решение кога за тоа се подготвени на Западот и во Киев. Досега не гледаме таква подготвеност од нивна страна“.

Киев ја поздрави дипломатската иницијатива на Пекинг, но вели дека Русија мора прво да ги повлече своите трупи од Украина. Борбите главно заглавија во источна Украина долж главната линија на борбениот фронт.

Серијата документи што Путин и Шји ги потпишаа повикуваат на „стратешка соработка“ меѓу двете земји, вклучително и планираниот гасовод што ќе испорачува руски природен гас до Кина.

„Убеден сум дека нашата повеќеслојна соработка ќе продолжи да се развива за доброто на народите на нашите земји“, рече Путин во телевизиските изјави.

Тој рече дека Москва е подготвена да им помогне на кинеските бизниси да ги заменат западните фирми кои ја напуштија Русија во знак на протест поради инвазијата на Украина.

Шји рече дека го поканил Путин да ја посети Кина подоцна оваа година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека секој предлог за Украина што ќе им дозволи на руските сили да останат во земјата само ќе ѝ дозволи на Москва да ја поврати својата сила за да продолжи со офанзивата.

„Повикувањето на прекин на огнот што не вклучува отстранување на руските сили од украинска територија, всушност ќе биде поддршка за ратификација на руското освојување“, рече тој.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, го повика Шји „директно да изврши притисок врз претседателот Путин за потребата од почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG