Во ексклузивното интервју за украинската редакција на Гласот на Америка, д-р Кондолиза Рајс, поранешен државен секретар и моментално директор на институцијата Хувер на Универзитетот Стенфорд, оцени дека САД и нивните сојузници треба драматично да ја зголемат помошта со воените резерви, оружје и армиски потенцијал, за да ѝ овозможи на Украина да ги потисне руските сили.
Во интервјуто, таа ги прошири главните поенти од нејзиниот коментар, објавен во Вашингтон пост.
Запрашана дека еден од главните аргументи против наглото зголемување на воената помош кон Украина е дека тоа може да го испровоцира Путин при што може да ескалира ситуацијата, вклучувајќи ја и нуклеарната опција, Рајс вели дека „не знам уште колку можеш да го испровоцираш Путин. Тој се обиде да го збрише својот сосед со терористички тактики. Тој е вклучен во воени злосторства. Кога слушам како луѓето велат дека можеш да го испровоцираш Путин, што повеќе треба да се направи?“.
Според неа, рускиот претседател се однесува чудно во креирањето на неговата меѓународна позиција. “Путин беше предупреден не само од нас, туку беше предупреден од Индијците и од Кинезите, дека нуклеарната опција не треба ни да се разгледува“, рече Рајс.
За можноста за Украина да почне да преговара со Русија во овој момент, таа рече дека Украина е во критична фаза во моментов, и повиците за преговори се предвремени и дека загриженоста за провоцирање на Путин, не треба да ги одврати партнерите и сојузниците кои стојат зад Украина.
Треба да се увериме дека кога ќе има преговори, Украина ќе биде во најсилната можна позиција.Кондолиза Рајс
Рајс во интервјуто вели дека преговарачката дипломатија ја следи ситуацијата на терен, а не обратно. „Треба да се увериме дека кога ќе има преговори, Украина ќе биде во најсилната можна позиција“, појасни поранешната државна секретарка.
Таа потсетува дека Владимир Путин ги прогласи Доњецк и Луганск за руска територија. „Тој не може да преговара за руска територија. Значи, да се бара преговори сега, веројатно, ќе биде беспредметно“, оцени Рајс.
Со оглед дека постои консензус меѓу украинската и американската администрација за тоа како би изгледала победата на Украина, како би се вратил украинскиот суверенитет, а Русија да се држи одговорна за нејзините постапки, но како би изгледал рускиот пораз?
„Не сакам да зборувам за рускиот пораз. Се надевам дека од руска перспектива има разбирање дека тие веќе не ги постигнаа своите цели и дека откако веќе не ги постигнаа, веќе има пораз“, изјави Рајс.
Таа потсети дека Путин зборуваше за освојување на Украина за пет дена. „Но, сега руската цел е кон територијата што тие незаконски ја анектираат. Тоа е следната цел што треба да ја имаме со потиснување на Русите од нивните планирани амбиции“, изјави Рајс.
„Во војна е добро да се имаат на ум долгорочните цели, но поважно е да се победат краткорочните цели додека се движите напред“, нагласи поранешната државна секретарка.
Според нејзиното мислење, Украина му дава непроценлива услуга на светот со отпорот на руската агресија.
Д-р Рајс, исто така, одговори на критиките кон администрацијата на Буш во врска со настаните од 2008 година поврзани со заклучоците од тогашниот Самит на НАТО и руската инвазија на Грузија и рече дека администрацијата на Обама требало да стори повеќе по анексијата на Крим во 2014 година.