Војната во Украина и последиците од неа, ЕУ интеграциите и прашањето на уставни измени, односите со Бугарија, потребата од обединување заради иднината на земјата, справување со корупцијата – тоа беа клучните теми во годишното обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието.
Шефот на државата прво даде одговор на прашањата кои се поставуваат во дел од јавноста – зошто Северна Македонија и помага на Украина.
„Нашата логика е следна: малите држави мораат да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи затоа што во свет кој се потпира врз аргументите на силата, нашите шанси да опстанеме се еднакви на нула. Второ, аргументите на Русија за воената агресија со кои де факто сакаат да го поништат украинскиот суверенитет, воопшто не се разликуваат од големо-државничките резони на балканските држави од почетокот на 20 век и нивниот понижувачки третман кон помалите народи меѓу кои спаѓаме и ние. Во колективната меморија на Македонците е длабоко врежано сознанието зошто меѓу последните сме направиле држава на Балканот и токму заради тоа денес многу добро знаеме предвреме да ги препознаеме тие модели на хегемонистичко однесување кон нас.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Пендаровски се наврати на францускиот предлог чија содржина изминатото лето го подели општеството. На тезата дека „само како Бугари може да влеземе во Унијата“ одговори дека „не постои начин од Македонец да направиш Бугарин зашто тоа се два различни идентитетски кодови - два различни народа“. Го изнесе и својот став за уставните измени од кои зависи натамошниот тек на пристапните преговори.
„Сакам од ова место да порачам дека нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Според шефот на државата надворешната политика предолго ја одредувала динамиката на политичките процеси во државата. Затоа, побара фокус на внатрешен план, пред се на клучното прашање – справувањето со корупцијата.
„Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца. Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото, и второ, да се почитува презумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не ги осудиме во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд. Меѓутоа, сите наши напори ќе паднат во вода ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци. Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но, правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Опозицијата, која присуствуваше на говорот на Пендаровски, крајот на настапот не го поздрави со аплауз.
„Она што беше евидентно од Стево Пендаровски е дека наместо како претседател, настапи како аналитичар. Тој треба да биде претседател на сите граѓани, и не треба да делува како полтрон на власта која ја води земјата во бездна.“, изјави Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачкото мнозинство има сосема поинаква позиција за говорот на шефот на државата.
„Потребно е обединување на сите општествени и политички чинители околу европскиот пат на земјата. На оваа линија ги цениме и апелите на претседателот Пендаровски.“, изјави Даниела Колева од СДСМ.
„Говорот на претседателот беше конструктивен.“, изјави Арбер Адеми од ДУИ.
Ова беше четвртото обраќање на Пендаровски како шеф на државата. За помалку од година и половина – во пролетта 2024 треба да се одржат наредните претседателски избори.