Линкови за пристапност

Реакции после анкетата на ИРИ: Недовербата создава ерозија во смислата на едно општество


Mногу повеќе граѓани ќе апстинираат од гласање бидејќи не се препознаваат во политичката понуда, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија
Mногу повеќе граѓани ќе апстинираат од гласање бидејќи не се препознаваат во политичката понуда, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија

Ризиците од имплозија на нашето општество кон внатрешни конфликти, незадоволство, од интра-етнички судири, сè повеќе ќе растат. Тоа не ветува никаква стабилност или просперитет на земјата дури и на среден рок, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија

Допрено е дното од аспект на довербата. Ако немате доверба тогаш има ерозија во смислата на постоењето на едно општество и држава.

Така коментира Марко Трошановски од Институтот за демократија за резултатите од анкетата на ИРИ кои покажале дека 58% од испитаниците се убедени оти државата оди во погрешна насока.

Перцепцијата на граѓаните дека состојбите на економски, социјален, политички, правосуден план се движат во негативна насока, како што укажуваат податоците од анкетата на ИРИ, може да креира состојба на апатичност и незаинтересираност кај нацијата, смета Трошановски.

„Тоа значи дека многу повеќе граѓани ќе апстинираат од гласање бидејќи не се препознаваат во политичката понуда. Тоа значи дека склоноста кон популизам и демагошки политички наративи и лидери ќе се зголеми. Тоа, пак, подразбира и намалена демократска побарувачка на граѓаните. Односно, сè помалку ќе гледаат релевантност на реформскиот процес“, укажува Трошановски.

Склоноста кон популизам и демагошки политички наративи и лидери ќе се зголеми. Тоа, пак, подразбира и намалена демократска побарувачка на граѓаните

Состојбата на незаинтересираност може да создаде чувство на одврзани раце кај некои актери двигатели на корупцијата.

„Тоа кај партиите го намалува притисокот да испорачаат квалитетна политичка агенда. Така што со одврзани раце, без стравувања дека ќе ги промени од власт неопределеното гласачко тело, секако се многу понаклонети кон недемократски или коруптивни пракси коишто ќе поминат неказнето“, смета Трошановски.

Тој додава дека ситуацијата е ургентна.

„Кога нема доверба настанува ерозија во смислата на постоење на едно општество и држава. Во таа насока, ситуацијата е ургентна за да се смени праксата. Во спротивно, ризиците од имплозија на нашето општество кон внатрешни конфликти, незадоволство, од интра-етнички судири, сè повеќе ќе растат. Тоа не ветува никаква стабилност или просперитет на земјата дури и на среден рок“, укажува Трошановски.

Првиот човек на Институтот за демократија смета дека се неопходни неколку чекори за да се отвори пат кон доверба кон државата и институциите.

„Ние мораме да го смениме изборниот модел, во насока на тоа да турка на површина кадри и кандидати коишто се компетентни. Законот за висока раководна служба мора да се донесе, за непартиските главни секретари да бидат главните во јавната администрација. Обвинителството и сите институции коишто се борат против корупцијата, мора веднаш да им се стават на располагање сите ресурси“, вели Трошановски.

За ветингот во судството истакнува:

„Прочистување на судството, не во смисла на ветинг по албанскиот пример, туку преку преиспитување на квалитетот на предметите и преку проверка на имотот на судиите е нешто што мора да се направи. Судството е прво по важност, но го допре дното од аспект на довербата“.

Анкетата покажува дека во основа ниту еден политички лидер не е популарен. Груевски со едноцифрената „популарност“ има предност пред другите лидери.
Анкетата покажува дека во основа ниту еден политички лидер не е популарен. Груевски со едноцифрената „популарност“ има предност пред другите лидери.

Трошановски даде свое мислење и за резултатите од анкетата кои покажаа дека поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, годинава се стекнал со најмногу „популарност“ во однос на другите политички лидери.

„Тоа би рекол дека е во линија на потребата на луѓето за силен, цврст лидер, како што беше перципиран Груевски за време на неговото владеење“, истакна Трошановски, додавајќи дека луѓето веројатно се сеќаваат позитивно на времето од првите години на владеењето на Груевски.

Анкетата на ИРИ (Интернационалниот републикански институт) покажа дека ниту еден од политичките лидери не е доволно популарен

Анкетата на ИРИ (Интернационалниот републикански институт) покажа дека ниту еден од политичките лидери не е доволно популарен. Така, „популарноста“ на Груевски годинава пораснала и изнесува 7%, кај Христијан Мицкоски е 6%, додека кај премиерот Димитар Ковачевски е 5 проценти.

За лидерот на ДУИ, Али Ахмети се изјасниле 6% од испитаниците, додека за челникот на Левица, Димитар Апасиев позитивно одговориле 3%. Популарноста на претседателот Стево Пендаровски е исто така 3%, според изјаснувањето на испитаниците во анкетата на ИРИ.

Според истата анкета, доколку есенва се одржат избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 13% од испитаниците, додека за СДСМ својот глас би го дале 9 отсто. ДУИ се на трето место, со шест проценти од учесниците во анкетата.

Во истата анкета 58% од испитаниците се изјасниле дека земјата се движи во погрешна насока, додека 53% имаат перцепција дека квалитетот на живот ставува сè полош. Недоверба кон судството изразиле 52%, а кон јавното обвинителство 50%.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG