Горниот дом на рускиот Парламент гласаше четирите украински региони да станат дел од Русија, придвижувајќи го процесот што беше осуден од Украина и нејзините западни сојузници и опишан од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш како „опасна ескалација“ што „нема правна вредност“.
Долниот дом на Русија веќе го даде своето одобрение откако Русија организираше, како што тврдеше, референдуми во четири региони на Украина, окупирани од руските трупи. Киев соопшти дека гласањето се одржало под принудни услови и дека не ја претставува волјата на народот во Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.
Антонио Гутереш рече дека „анексијата на територијата на една држава од страна на друга држава како резултат на закана или употреба на сила е кршење на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право“.
Украинскиот претседател Зеленски потпиша декрет дека нема да преговара со рускиот претседател Путин. Кремљ, возврати - ќе почека за нов претседател на Украина.
Додека Русија продолжува со своите тврдења за анексија, украинските сили постигнаа придобивки во контраофанзивата во областите под контрола на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговите сили во Керсон ослободиле две населби.
Виш американски воен претставник изјави дека САД гледаат дека продолжуваат тешките борби додека руските сили се обидуваат да ја пробијат линија на фронтот кон запад, „но нема значителни промени на теренот бидејќи украинските сили продолжуваат да ја држат линијата“.
Некои информации се од Асошиејтед прес, Франс прес и Ројтерс.