Линкови за пристапност

Во Кремљ започна церемонијата за пристапување на четирите украински региони кон Руската Федерација


Рускиот претседател Владимир Путин денес го потпишa указот за анексија на териториите на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, што многумина го сметаат за незаконски потег. Поводот ќе биде одбележан со славенички концерти и митинзи во Москва.

Како одговор, украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот повика на итен состанок на сите негови највисоки функционери. Советот за национална безбедност и одбрана на Украина се состанува денес.

На денот кога Русија ја прослави анексијата на четири украински територии, хуманитарни конвои беа погодени од руски ракетен напад во близина на градот Запорожје и во Миколаев.

Официјални лица соопштија дека најмалку 23 лица се убиени, а 28 луѓе се ранети во близина на Запорожје, а најмалку други 3 лица се убиени во Миколаев, а најмалку 12 се повредени. Колоните се состоеле од возила со семејства кои биле упатени во областите за да ги спасат членовите на семејствата од окупираната територија.

Во меѓувреме, Финска е последната земја што ја затвори границата за Русите. Затворањето на Финска доаѓа откако претежно мажи ја напуштаа Русија во обид да избегаат од руската воена мобилизација.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш остро ја осуди планираната анексија, велејќи дека таа е нелегална и „не смее да се прифати“.

„Повелбата на ОН е јасна“, им рече Гутереш на новинарите во четвртокот. „Секоја анексија на територијата на една држава од друга држава што произлегува од закана или употреба на сила е кршење на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право“.

Тој рече дека секоја одлука да се продолжи со анексијата нема да има „никаква правна вредност и заслужува да биде осудена“.

Потегот беше отфрлен како нелегитимен од Украина и нејзините сојузници, кои како одговор подготвуваат нови санкции против Москва.

„Ова сè уште може да се запре“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето секојдневно обраќање во четвртокот во директен апел до Русите со индиректно повикување на рускиот претседател Владимир Путин. „Но, за да го спречите тоа, треба да го запрете оној во Русија кој сака војна повеќе од живот. Вашиот живот, граѓани на Русија“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите изјави дека церемонијата во петок ќе ги вклучи Путин, кој треба да одржи голем говор, и шефовите на регионите назначени од Русија.

XS
SM
MD
LG