Официјално Скопје ја повтори позицијата – дека не ги признава резултатите од референдумите во четирите украински области кои отворија пат за нивно припојување кон Руската Федерација.
„Силно ги осудуваме лажните референдуми во Украина кои претставуваат сериозно прекршување на меѓународното право. Резултатите се ништовни и Северна Македонија нема да ги признае. Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, напиша на Твитер шефот на дипломатијата, Османи.
Засега, не се прецизира дали и каква дополнителна акција ќе следи од македонска страна по приклучувањето на голема територија на Украина кон Русија. За очекување е, врз основа на претходното искуството, дека Скопје би се приклучило кон потенцијалните нови мерки кои Европската Унија би ги презела против Москва.
На прашање на „Гласот на Америка“ за тоа која е позицијата на американската амбасада во Скопје, оттаму не упатија на официјалниот став на Вашингтон кој го потврди државниот секретар Антони Блинкен – дека „САД ги отфрлаат нелегитимните, фабрикувани резултати од руските лажни референдуми во Украина. Тоа е прекршување на меѓународното право.“
Прашање е што овој потег на Москва - анектирањето на Луганск, Доњецк, Херсон и Запоржје, ќе значи за односите меѓу Западот и Русија кои се на исклучително ниско ниво по агресијата врз Украина е ефектите од неа, пред се во делот на енергетската криза од кои е најпогодена токму Европа.
И Балканот силно ги чувствува ефектите на кризата – утре во Софија заминува шефот на државата, Стево Пендаровски, каде ќе присуствува на почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија кој треба обезбеди диверзификација на рутите и изворите на природен гас за поширокиот регион.