Во Вашингтон, демократскиот сенатор Ричард Блументал зборуваше за предложениот закон што тој и републиканскиот сенатор Линдзи Греам го поддржуваат како одговор на најновите потези на Русија.
„Сенаторот Грем и јас денеска воведуваме легислатива што веднаш ќе побара прекин на економската и воената помош за секоја земја што ја признава нелегалната анексија на четири региони на Украина од Владимир Путин“, рече тој во четвртокот.
Прес секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во средата изјави за новинарите дека без разлика што тврди Русија, областите остануваат украинска територија.
„Како одговор, ќе работиме со нашите сојузници и партнери за да наметнеме дополнителни економски санкции за Русија како и поединци и субјекти внатре и надвор од Русија кои даваат поддршка на оваа акција“, рече таа.
Шефот на ОН Гутереш во четвртокот рече: „Сакам да нагласам дека таканаречените референдуми во окупираните региони беа спроведени за време на активен вооружен конфликт, во области под руска окупација и надвор од правната и уставната рамка на Украина. Тие не можат да се наречат вистински израз на народната волја“.
Тој предупреди дека ако Русија продолжи со анексијата, тоа ќе биде „опасна ескалација“ и дополнително ќе ја загрози перспективата за мир.
Портпаролот на Гутереш рече дека шефот на ОН и ја пренел оваа порака на Русија за време на разговорите со нивниот амбасадор во ОН во средата.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот напиша на Твитер дека го уверил Зеленски дека Германија никогаш нема да ги признае „т.н. резултати“.
„Лажните референдуми спроведени од Путин во нелегално окупираните области на Украина се безвредни“, рече Шолц.
Во Советот за безбедност на ОН, САД работат со Албанија на нацрт-резолуција со која се осудуваат „лажните референдуми“, повикувајќи ги државите да не признаваат никаков променет статус на Украина и принудувајќи ја Русија да ги повлече своите трупи од Украина.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во средата рече дека ЕУ планира да одговори со „сеопфатни нови забрани за увоз на руски производи“ и да ја прошири забраната за извоз „за да го лиши воениот комплекс на Кремљ од клучните технологии“.
„Ова ќе ги задржи руските производи надвор од европскиот пазар и ќе ја лиши Русија од дополнителни 7 милијарди евра приход“, изјави фон дер Лајен за новинарите во Брисел. 27-те земји-членки на ЕУ ќе треба да ги одобрат санкциите за тие да стапат на сила.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.