Саботажа е можна причина за повеќекратни пукнатини на гасоводите Северен тек во Балтичкото Море.
„Истекувањето е под истрага. Има првични извештаи кои укажуваат дека ова може да е резултат на напад или некој вид саботажа“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Тој рече дека „ако се потврди, тоа очигледно не е во ничиј интерес“.
Стејт департментот на САД подоцна соопшти дека Блинкен разговарал за ситуацијата со данскиот министер за надворешни работи и оти САД „остануваат обединети со нашите сојузници и партнери во нашата посветеност на промовирање на европската енергетска безбедност“.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на Твитер објави дека САД ги поддржуваат напорите за истрага на можната саботажа.
Министерот за одбрана на Данска денес во Брисел се очекуваше да разговара со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Нема да шпекулирам за причината за истекувањето“, одговори портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, на прашањата за инцидентот во вторникот, додавајќи дека нема што да изјави за тоа дали САД биле побарани од европските официјални лица да помогнат да се утврди причината за пукнатините.
Гасоводот „Северен тек 1“, долг 1.222 километри, до неодамна беше главен извор на гас за Германија. „Северен тек 2“, кој е во должина од 1.234 километри, допрва треба да стапи во комерцијална работа.
„Ниту една опција не може да се исклучи во моментов“, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, во врска со можноста за саботажа, додавајќи дека протекувањето е причина за загриженост.
Русија го затвори „Северен тек 1“ на почетокот на овој месец, наводно поради работи за одржување. Мнозинскиот сопственик на операторот на мрежата е Газпром, руска државна енергетска компанија.
„Уништувањето што се случи во ист ден истовремено на три жици од морските гасоводи на системот Северен тек е без преседан“, се вели во соопштението оттаму, во кое се додава дека „сè уште не е можно да се процени времето на обновување на транспортната инфраструктура“.
Извор: Ројтерс