Линкови за пристапност

Кремљ утре официјално ќе ги вклучи четирите украински области како дел од Русија


Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во средата изјави дека САД очекуваат Русија „да ги искористи овие лажни референдуми како лажен изговор за да се обиде да ја анектира украинската територија со флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“.

Жан-Пјер рече дека без разлика што тврди Русија, областите остануваат украинска територија.

„Како одговор, ќе работиме со нашите сојузници и партнери за да наметнеме дополнителни економски санкции за Русија и поединци како и субјекти внатре и надвор од Русија кои даваат поддршка на оваа акција“, рече таа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во средата рече дека ЕУ планира да одговори со „сеопфатни нови забрани за увоз на руски производи“ и да ја прошири забраната за извоз „за да го лиши воениот комплекс на Кремљ од клучните технологии“.

„Ова ќе ги задржи руските производи надвор од европскиот пазар и ќе ја лиши Русија од дополнителни 7 милијарди евра приход“, изјави фон дер Лајен за новинарите во Брисел. 27-те земји-членки на ЕУ ќе треба да ги одобрат санкциите за тие да стапат на сила, додека претходно блокот имаше тешкотии да постигне договор за некои претходни санкции.

„Решени сме да го натераме Кремљ да плати за оваа понатамошна ескалација“, рече таа.

Украинската територија ги опфаќа регионите Доњецк, Керсон, Луганск и Запорожје, кои претставуваат околу 15 проценти од Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите во четвртокот изјави дека во церемонијата ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин заедно со шефовите назначени за четирите региони каде Русија ги организираше референдумите што завршија претходно оваа недела.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот твитна дека го уверил украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Германија никогаш нема да ги признае „т.н. резултати“.

„Лажните референдуми спроведени од Путин во нелегално окупираните области на Украина се безвредни“, рече Шолц.

XS
SM
MD
LG