„Во име на граѓаните и владата на Северна Македонија ми претставува особена чест што ја имам можноста да се обратам на мојот мајчин, македонски јазик на денешната долгоочекувана Меѓувладина конференција со која ги отвoраме преговорите за членство во ЕУ.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
По 17 години од добивањето на кандидатскиот статус земјава ги почна пристапните преговори со Европската унија. Чекорот следи откако беше симната бугарската блокада со прифаќањето на „францускиот предлог“ и усвојувањето на преговарачката рамка во која се доби чисто именување на македонскиот јазик, без дополнителни фусноти. Токму за идентитетскиот дел, клучен за македонската страна, на отворањето на овие преговори зборуваше и Јосеп Борел.
„Северна Македонија, со својот сопствен идентитет, богата историја и култура, отсекогаш била дел од Европа и за тоа да го знаете не ви требаа европски заклучоци. Вашиот идентитет ќе си остане“, истакна Јосеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Денеска и Албанија ги почна пристапните преговори.
Претседателката на Европската комисија, денот го нарече историски. И Фон дер Лајен, најавувајќи ги наредните чекори, потенцираше дека нема каква било загриженост околу македонскиот јазик.
„Скринингот на европското законодавство ќе почне, тоа е првиот чекор во процесот. Скринигот ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија и брзо ќе се движиме. Ќе продолжиме да се приближуваме во клучни области. Северна Македонија наскоро со нас ќе преговара за Фронтекс договорот. Димитар можеш да сметаш на мојата поддршка за тоа дека договорот ќе биде преведен на македонски јазици, без какви било фусноти, на исто ниво со сите 23 европски јазици.“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Европскиот предлог кој го добивме, преку широк консултативен процес го препознавме како најдобро можно решение кое од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а во исто време дава конечно почеток на преговори. Во него, а за нас исклучително важно, е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања, дообјаснувања, астерикси. Со тоа се отвора вратата да нашиот македонски јазик стане еден од официјалните јазици на Европската Унија.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Денеска беше приложена и еднострана изјава на земјава кон записникот од конференцијата во која се вели дека Северна Македонија во целиот процес на пристапување и по приемот во ЕУ нема да прифати да разговара за поинакво решение за јазикот од она наведено во Преговарачката рамка – македонски јазик.