Линкови за пристапност

Северна Македонија го отфрли францускиот предлог како неприфатлив


Ковачевски во Брисел му кажа „не“ на францускиот предлог
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00

Ковачевски во Брисел му кажа „не“ на францускиот предлог

Ставот на Северна Македонија денеска јавно го соопшти премиерот Ковачевски по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан. Тој, од Брисел однесувањето на Бугарија го нарече враќање на минатото и удар и проблем за политиката за проширување и кредибилитетот на Европската унија. Официјално Скопје е подготвено да размислува за предлогот од Париз само ако се вградат неколку клучни елементи.

Мора да има и цврсти гаранции од ЕУ дека Бугарија нема да условува со други барања надвор од она што ќе биде договорена во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој се уште не е утврден со Бугарија.
Ковачевски, премиер на Северна Македонија

„Во тој динамичен процес со француското претседателство ние ги соопштивме нашите црвени линии и во тој контекст би сакал да потврдам дека предлог кој би бил прифатлив треба да ги следните елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и заштита на македонскиот идентитет. Историските прашања не можат да бидат критериум во преговарачката рамка – преговорите мора да почнат пред промената на Уставот и вметнувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата. Мора да има и цврсти гаранции од ЕУ дека Бугарија нема да условува со други барања надвор од она што ќе биде договорена во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој се уште не е утврден со Бугарија. Предлогот во оваа форма, како што е сега, е неприфатлив за мене и за претседателот за владата за коалиционите партнери.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Ковачевски најави дека има подготвеност за продолжување на разговорите ако во текот на француското претседателство се покаже разбирање за македонските позиции и со тоа се овозможи до крајот на јуни да почнат пристапните преговори.

Уште поостар во својот настап беше албанскиот премиер. Еди Рама, во за него познат стил, без многу дипломатски речник, остро ја критикуваше Европската унија – ја нарече поделена куќа, а бугарските позиции срамни, особено во ситуација на војна на стариот континент.

Однесувањето на Бугарија е срамно, НАТО членка киднапираше други две НАТО членки додека во европскиот двор се одвива војна и тоа се под погледот на 26 други земји, кои се целосно импотентни.
Рама, премиер на Албанија

„Дозволете ми да ја изразам длабоката тага за Европската унија. Жалам за ЕУ и се надевам дека можеме да помогнеме. На состанокот се обидов да кажам одредени работи, но Шарл Мишел ни рече дека имаме по 3 минути. Ќе ми требаа само 30 секунди ако Унијата го испорача она што требаше, но тоа не го стори и затоа 3 минути не беа доволни. Им реков дека е и добро и лошо да се биде овде. Добро е, зашто сме тука меѓу Европејци, но е лошо бидејќи се уште не сме слушнати како Европејци, туку како гости во една поделена куќа. Духот на проширување, од една споделена визија стана киднапирање на една земја-членка. Однесувањето на Бугарија е срамно, НАТО членка киднапираше други две НАТО членки додека во европскиот двор се одвива војна и тоа се под погледот на 26 други земји кои се целосно импотентни.“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

Разочараност од неуспехот изрази и шефот на српската држава.

Нашите пријатели од Скопје и Тирана заслужија почеток на преговори.
Вучиќ, претседател на Србија

„Нашите пријатели од Скопје и Тирана заслужија почеток на преговори и се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо. Ова не е барање, туку потреба зашто двете земји исполнија се што беше од нив побарано. “, истакна претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Денешниот епилог – отфрлањето на францускиот предлог дополнително ја усложнува ситуацијата која е комплицирана и поради падот на бугарската владата на премиерот Петков. Проценките се дека во овој период просторот за маневрирање и во Скопје и Софија е исклучително мал, со што е речиси неверојатно процесот да донесе некаков пробив. Петков, кој беше во Брисел, изјави дека нему лично му се допаѓа францускиот предлог, но дека одлуката треба да ја донесе бугарското собрание.

Дел од европските дипломати јавно ја критикуваа Бугарија за нејзината позиција и дури отворено зборуваат дека „консензусот е проблем при одлучувањето во ЕУ“, што пак се покажа на примерот на Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG