Линкови за пристапност

Пахор: Тоа што ѝ го прави Бугарија на Северна Македонија не е праведно и не се согласувам со ставот на Бугарија


Глас на Америка: Какви се шансите Северна Македонија на самитот на ЕУ на 23-ти јуни да добие покана за отпочнување на пристапни преговори?

Борут Пахор: Имав разговор, со вашиот претседател Пендаровски, мој драг пријател, и му реков да сме ние Бугари, вие нема да имате проблеми со влезот во ЕУ. Тој ми рече, да сме ние Словенци, ние веќе дваесет години ќе бевме таму. Но, шалата на страна. Јас мислам дека на крајот доброто секогаш победува. Тешко и е сега на Северна Македонија. Тоа ми е сосема јасно и не е праведно тоа што се случува. На крајот вие со една голема храброст го решивте проблемот со Грција и сега тој проблем со Бугарија, не ми се допаѓа. Мислам дека тоа што го прави Бугарија, не е праведно. Можно е да е некој проблем кој треба да се реши, но не се согласувам со тоа што сега го прави Бугарија.

Глас на Америка: Што мислите за бугарското вето и нивните барања, дали се оправдани?

Борут Пахор: Јас имам некое искуство со блокада и деблокада. Ние одлучивме, тогаш поради граничното прашање, да ставиме блокада на преговорите со Хрватска. Јас се обидов да ги разберам проблемите на Хрватите, а Хрватите се обидоа да ги разберат проблемите на Словенците и се најдовме на средина. Словенците инвестираа во довербата кај Хрватите дека ќе го почитуваат ветувањето кои го дадоа и јас ја кренав блокадата. Мислам дека нешто слично и сега треба да се случи. Во тој случај, Бугарија да верува на Северна Македонија, дека некои работи ќе ги реши во заеднички дух, да ја тргне блокадата и Северна Македонија да може да оди понатаму на европскиот пат. И, се разбира потоа во дијалог со Бугарија, да решат некои прашања, така како што е праведно

Глас на Америка: Дали се праведни барањата околу Македонскиот јазик, околу заедничка историја?

Борут Пахор: Тој идентитет на прашања, за мене се понекогаш и нерационални. Знам дека се чувствителни, но мислам дека тоа не е можно да се реши преку ноќ, а не со една политичка блокада. Тоа се чувствителни и емотивни прашања за едната и за другата страна и по прв пат се наоѓам во една ситуација, кога велам црно бело, не ја подржувам Бугарија во таа ситуација кога ја блокира Северна Македонија. Секогаш сум велел, веројатно проблемот е и на едната и на другата страна, но сега велам проблемот е на бугарска страна. Јас се надевам дека на крајот сепак Брисел ќе направи притисок на Софија да отстапи од таа сурова блокада, која сега ја прави. Но, тешко ми е бидејќи толку години Македонија, а сега и Албанија, чекаат на зелено светло, а ЕУ, не може да го одржи ветувањето кое го даде и тоа го намалува авторитетот кој Брисел го има и тоа не е добро.

XS
SM
MD
LG