Линкови за пристапност

ЕУ го одобри кандидатскиот статус на Украина


Европска Унија го одобри кандидатскиот статус на Украина и Молдавија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката на европските лидери и рече дека претставува „една од најважните одлуки за Украина во сите 30 години независност”.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел претходно изјави дека е уверен оти лидерите на ЕУ денес ќе се согласат за давање кандидатски статус на Украина.

Лидерите на ЕУ собрани во Брисел, исто така, разговараа за влијанието на руската војна во Украина врз глобалната безбедност на храната, како и за дополнителна економска, воена и хуманитарна поддршка на ЕУ за Украина.

Европската комисија минатата недела препорача кандидатски статус за ЕУ за Украина и за нејзиниот помал сосед, Молдавија. Кандидатскиот статус е само првиот чекор кон приклучување кон 27-члената група.

Украина ќе треба да ги исполни политичките и економските услови, како што е исполнувањето на стандардите за демократски принципи. Дипломатите велат дека процесот може да потрае една деценија за да се заврши.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видеообраќање до нацијата рече дека вчера разговарал со 11 лидери на Европската унија за кандидатурата на Украина и дека ќе има повеќе разговори денес.

Претходно, тој го изрази својот оптимизам за пристапување во ЕУ, велејќи дека верува оти сите 27 земји од ЕУ ќе го поддржат кандидатскиот статус на Украина.

Зеленски, исто така, рече дека Русија извршила големи воздушни и артилериски напади во регионот Донбас во источна Украина, додавајќи дека целта на Русија е „чекор по чекор да го уништи целиот Донбас“.

Украинскиот лидер повика на побрза испорака на оружје за да им помогне на неговите сили да се совпаднат со оние од Русија.

Во регионот Харков, пак, вчера имаше гранатирање на станбени области со „несмалено темпо“.

Советникот на украинскиот претседател Олексиј Арестович во видеообраќање изјави дека руските сили го напаѓаат Харков „со цел да го тероризираат населението“ и да ја принудат Украина да ги пренасочи војниците, пренесе Ројтерс.

Мајкрософт вчера објави дека руските разузнавачки агенции извршиле повеќекратни напори за хакирање на компјутерските мрежи на сојузниците на Украина.

„Сајбер аспектите на тековната војна се протегаат многу подалеку од Украина и ја одразуваат уникатната природа на сајберпросторот“, рече во извештајот претседателот на Мајкрософт Бред Смит.

Руската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар, објави Ројтерс.

Од почетокот на конфликтот пред четири месеци, украинските ентитети биле нападнати од хакерски групи поддржани од руската држава, објави Мајкрософт.

Истражувачите открија дека 128 организации во 42 земји надвор од Украина, исто така, биле цел на истите групи на хакери фокусирани на шпионажа, се вели во извештајот.

Скоро две третини од целите за сајбер шпионажа се членки на НАТО, открија истражувачите.

Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс -прес

XS
SM
MD
LG