Линкови за пристапност

Министерот Османи ќе го соопшти ставот за францускиот предлог „кога ќе дојде време за тоа“


Владата и шефот на дипломатијата Бујар Османи, формално го немаат добиено предлогот на Франција, кој треба да пристигне откако сите 27 држави членки на Европската унија ќе имаат усогласен став.

СКОПЈЕ - „Јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање за прифатливоста на измените во преговарачката рамка што ги предлага Франција Османи рече дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните но “не може да каже ништо повеќе.

„Меѓутоа, тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став“, рече Османи.

Османи истакна дека не сака нашите ставови да бидат злоупотребени ниту во дебатата во Софија, ниту, како што рече „сега да се изложиме со наши позиции без да знаеме кои ќе бидат позициите на земјите членки“.

„ Така е направена проценка дека ние треба сега да работиме со земјите членки, но, нашиот став ќе го дадеме откако ќе ги слушнеме сите во однос на текстот и откако ќе заврши анализата. Лесно е вие да го имате текстот и да кажете прв впечаток, наша работа е да направиме длабоки анализи за секој збор, за сите импликации кои што произлегуваат од тие зборови, за да го видиме поголемиот контекст што се случува на светско ниво, што се случува на европско. Кој е моментумот, кое е сценарио еден и кои последици би ги имало, сценарио два кои последици би ги имало. Верувајте, работиме професионално, без емоции, работиме во интерес на одбрана на државните интереси, имајќи го предвид вкупниот контекст во кој живееме“, дополни Османи.

Она што е суштински ново во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија, која ја подготви француското претседателство е што покрај исполнувањето на двата договори, Преспанскиот со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија, во новиот текст децидно се споменува и имплементацијата на билатералниот протокол за спроведување на договорот со Бугарија, кој треба да го усвојат двете земји. Со тоа протоколот за спроведување на договорот меѓу Бугарија и Македонија ќе биде составен дел од преговарачката рамка, едно од клучните барања на нашиот источен сосед.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG