Лидерската тројка Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ пресече – ќе присуствува на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.
Одлуката да заминат за Брисел следи по денешниот заеднички разговор на кој била усогласена позицијата дека треба да учествуваат на состанокот.
„Јас, Еди Рама и Алескандар Вучиќ донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан“, напиша македонскиот премиер на Фејсбук.
Неговиот албански колега, на Твитер ја објави информацијата дека ќе одат во Брисел.
„Ќе нема многу што да слушнеме за нас, но ќе побараме да бидеме слушнати за идејата за нова Европска политичка заедница, нешто што го поддржуваме, ќе зборуваме за Отворен Балкан кој го носи напред духот на Европа и за нашето киднапирање од страна на Бугарија кое го уништува тој дух“, напиша Еди Рама.
Од Кабинетот на срспкиот претседател излегоа со соопштение: „Свесни сме дека темите за кои ќе разговараме нема даа бидат лесни, но нашето присуство уште еднаш ќе ја покаже и потврди посветеноста на Србија, Албанија и Северна Македонија на европскиот пат“.
Дипломатските проценки се дека ваквата одлука, меѓудругото, се должи и на тоа што сигналите од Бугарија се дека има шанси во Софија да помине францускиот предлог – компромис за симнување на ветото кое ги блокира и Скопје и Тирана, особено откако и опозициската ГЕРБ на Бојко Борисов најави своја поддршка на предлогот.
Но, прашањето е дали францускиот документ е прифталив за властите во Скопје. Кај опозицијата овој предлог не „поминува“.
„Дипломати во земјава и поранешни високи владини функционери потврдуваат дека владата на Ковачевски дала пас за предлогот од Париз. Предлогот за ставање на бугарските барања во рамките на преговорите со ЕУ е одобрен од Ковачевски и Османи, и тој мора да поминал низ каналите на комуникација помеѓу МНР и Француската Република. ВМРО-ДПМНЕ не калкулира со македонските национални интереси, како што тоа го прави СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го отфрла предлогот од Париз и смета дека тој води само кон асимилација на Македонците и бугаризација на државата“, вели Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата, се` уште официјално не се произнесува за овој документ. Францускиот предлог кој е составен од неколку документи дава чиста формулација за јазикот како „македонски“, но и предвидува дека меѓувладината конференција за отворање на преговорите ќе се одржи дури откако ќе заврши процедурата за промена на Уставот и вметнување на Бугарите во преамбулата.
Друго проблематично прашање е и вметнувањето во рамката на т.н. акциски план за заштита на правата на луѓето од друга заедница, потоа теми поврзани со образование и говор на омраза, што одредени домашни експертски кругови, но и опозицијата, го толкува како предлог со кој билатералните прашања со Бугарија добиваат европска димензија.