Европската перспектива на земјите од Западен Балкан, придонесот на Германија за подобрување на регионалната соработка и надминување на билатералните блокади“, тоа, според официјален Берлин, ќе биде фокусот на дводневната регионална турнеја на Олаф Шолц во која е вклучена и посета на Скопје. Новиот германски канцелар, за првпат по преземањето на функцијата, доаѓа на Балканот во обид да помогне во решавањето на неколку клучни прашања кои добија на важност во европските престолнини по руската агресија врз Украина.
Според агендата, на која освен утрешната посета на Скопје, се и средби во Белград, Приштина, но и со државниот врв во Софија, јасно укажува на тоа дека мисијата на Шолц е насочена на две теми – рестартирање на српско-косовскиот дијалог и изнаоѓање решение за македонско-бугарскиот спор.
Шолц, во Приштина, очекувано, се фокусираше на односите меѓу Србија и Косово, но прати и порака за целиот регион.
Регионот мора да направи напредок во делот на заедничкиот пазар.Шолц, канцелар на Германија
„Многу е важно, Србија и Косово, низ сеопфатен и траен договор да изнајдат политичко решение кое ќе придонесе за регионалната стабилност. Сакам да соработувам со нашите партнери во рамките на Берлинскиот процес, оваа година да го заживееме, зашто наесен ќе свикам конференција во Берлин. Регионот мора да направи напредок во делот на заедничкиот пазар.“, изјави Олаф Шолф, канцелар на Германија.
Во Скопје, очекувањата од посетата на Шолц се позитивни, но и воздржани имајќи го предвид минатото искуство кога посети на европски државници не резултираа со напредок.
Сепак, станува збор за шефот на владата на економски најмоќната земја-членка на Унијата и воедно една од највлијателните држави во ЕУ. Се смета дека обидот на Шолц за некаков пробив во ќор-сокакот во кој влегоа македонско-бугарските односи поради ставот на Софија со историски прашања да се условува европската иднина на земјава, е можеби последниот сериозен притисок пред јунскиот самит на Унијата. Личното инволвирање на германскиот канцелар се толкува како сигнал за силната заинтересираност на Берлин за деблокада на процесот и со тоа намалување на политичките тензии во регионот кој се перципира како ранлив во ситуација на сериозни геополитички поместувања предизвикани од војната во Украина. Шолц, ги врзува посетите на Северна Македонија и Бугарија една по друга, утре по средбите во Скопје заминува за Софија со што ја затвора балканската турнеја.
Но, мисијата која треба да најде некакво решение, е се само не едноставна – прво поради позициите на Скопје и Софија за отворените прашања и второ, поради кризата во која влезе владата на бугарскиот премиер Петков откако една од партиите- партнери реши да излезе од владејачката коалиција.