Линкови за пристапност

САД и Северна Македонија се договорија да го продлабочат билатералното партнерство


Вчера во Вашингтон се одржа првиот состанок од процесот за Стратешки дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија, и по тој повод Владите на двете земји објавија заедничка изјава во која се истакнува дека дијалогот е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.

Во заедничката изјава се потврдуваат силните односи меѓу нивните две земји и се радуваат на заедничко унапредување на заедничките приоритети за безбедност и просперитет на билатерален план, на европскиот континент и во целиот свет.

САД и Северна Македонија ја истакнуваат нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина изборот за европска иднина и ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната и целосно да се повлече од Украина.

САД и Северна Македонија со оваа изјава ја потврдуваат посветеноста на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на регионот.

Соединетите Американски Држави ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата Три Мориња.

САД, се наведува во изјавата, со нетрпение очекуваа да ја поддржат работата на Северна Македонија со претседавањето со ОБСЕ во 2023-та година.

Во однос на одбраната и безбедноста во заедничката изјава на САД и Северна Македонија ја истакнуваат стратешката важност од развивање на одбранбени капацитети од висока класа, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските на НАТО за поддршка на колективната безбедност.

Соединетите Држави оддаваат признание за достигнувањата на Северна Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините вооружени сили со напредни воени средства, како и напорите за унапредување на нејзината сајбер-безбедност и сајбер-одбранбени капацитети.

САД честитаа на развојот на центарот за воена обука Криволак во Северна Македонија за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО.

САД и Северна Македонија ја потврдија својата соработка во рамките на САД - Јадранската повелба (А5), и со нетрпение ја очекуваат тесната соработка за време на претстојното претседавање на Северна Македонија со Повелбата во 2023-та година.

На планот на енергијата и животната средина двете земји ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени.

САД и Северна Македонија ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, САД и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.

САД го истакнаа како особено значајно приклучувањето на Северна Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот како полноправна членка во 2022 година.

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и се надоврзуваат на обврските од Самитот за демократија чиј домаќин беше претседателот Бајден.

Поздравен е интересот на Северна Македонија да стане земја партнер во Глобалната програма на САД за заштита на царинската и гранична безбедност.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, двете земји ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и трговска соработка.

Во изјавата се посочува дека САД ја препознаваат Северна Македонија како стратешки важен пазар во развој со висок потенцијал за раст.

Северна Македонија и САД изразија подготвеност да ги искористат трговските потенцијали, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.

XS
SM
MD
LG