Линкови за пристапност

Земјите од „Отворен Балкан“, ќе работат заедно на справување со економската криза, недостатокот на храна и електричната енергија


Отворен Балкан 2022
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:19 0:00

Северна Македонија, Албанија и Србија заеднички ќе работат на справување со проблемите поврзани со економската криза, недостатокот на храна и електрична енергија. Ова го договорија лидерите на трите држави на самитот „Отворен Балкан“, што се одржа во Охрид.

„Ќе имаме видео конференција, за да продолжиме со нашите подготовки, за да нашите експерти се подготват и да ги најдат најдобрите решенија за излез од кризата, која ѝ се заканува на цела Европа во следните пет месеци до една година. За да си помогнеме едни на други и да бидеме тука едни за други. Мора да седнеме и да разговараме како да ги упростиме процедурите за обичните луѓе побрзо да ги минуваат границите, да имаме една наместо повеќе контроли. Работиме на тоа и ќе продожиме да се бориме за сите наши граѓани, за намалување на сите бирократски процедури“, изјави Александар Вучиќ претседателот на Србија.

„Ќе формираме заедничка работна група за конкретни решенија, бидејки кризата која според сите изгледи ќе се продлабочи го засега не само нашиот континенет, туку и целиот свет. Таа бара издржливост и посветеност на секоја држава. Но, она што ние можеме да направиме е да го олесниме товарот на секоја од нашите држави, кога и последното зрно на жито ќе има една тежина колку една вреќа со жито и кога последниот киловат на електирчна енергија ќе има исто значење колку што е еден мегават. И поради ова нашата заедничка група ќе почне веднаш со работа“, рече премиерот на Албанија, Еди Рама.

Македонскиот премиер, Ковачевски рече дека „Отворен Балкан“ има конкретни резултати и затоа земјите од регионот треба што поскоро да станат дел од ЕУ.

„Денес овде во Охрид, отвараме нови поглавја во соработката во областите на туризмот и културата. Час поскоро нашите граѓани од „Отворен Балкан“, да почуствуваат нови економски и други бенефити. Може тоа да биде убав одмор во Саранда, Охрид или Копаоник по поволни услови и со прилагодени цени. Може да бидат нови поволности и олеснувања за побрз проток на стоки кои фирмите треба да ги увезуваат или извезуваат“, рече Димитар Ковачевски премиерот на Северна Македонија.

И, покрај тоа што беа присутни во Охрид, само како набљудувачи, Црна Гора и БиХ искажаа подготвеност да се приклучат на иницијативата.

„Уште не е донесена политичка одлука, но после овој состанок и се што слушнавме овде и после потпишувањето на договорите, БиХ, мора да постане полноправен член на овој проект. Повеќе сум сигурен во тоа, отколку пред да дојдам овде“, рече Зоран Тигелтија, претседавач со Советот на министри на БиХ.

„Ова дефинтивно е едно ново лице на Западен Балкан. Затоа јас апелирам, да не бидеме пет, туку да бидеме шест. Целта е „Отворен Балкан“ да има повеќе и повеќе учесници од повеќе области, повеќе лидери, и сите заедно да работиме на тие работи кои ги очекуваат нашите граѓани. Оваа слика испраќа и една поинаква порака кон регионот. Нашата рака на пријателство е подадена“, рече Дритан Абазовиќ, премиерот на Црна Гора.

„Отворениот Балкан нема да запре и нема да се затвори. Ова е сигурна работа. И кој ќе се спротистави е осуден на неуспех и разочараност. И кој се воздржува едноставно губи драгоцено време, за да има добивка од оваа иницијатива“, додаде Рама.

Заменик државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, пак испрати порака дека САД го подржуваат „Отворен Балкан“ и дека оваа иницијатива треба да остане економска, а не да биде политички проект. Во рамките на самитот беа потпишани и неколку договори, за меѓусебно признавање на универзитетските дипломи, заедничка борба против даночното затајување и соработка во областа на културата и туризмот. На самитот единствено не дојде претставник на Косово. Пораката од лидерите денес е дека иницијативата е отворена за сите во Западен Балкан и оти сите се добредојдени. Следниот самит ќе се одржи во Србија.

XS
SM
MD
LG