Линкови за пристапност

Лавров лут на Северна Македонија и Црна Гора по забраната за прелет


Додека дел од српските граѓани го поздравуваа чекорот на Скопје, Подгорица и Софија да му забранат прелет на авионот на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лаврвов, кој требаше да допатува во Белград, официјална Москва излезе со силни критики за ваквиот потег. Самиот Лавров од неговото министерството ситуацијата ја нарече „политика на двојни стандарди и одлука без преседан“. За Северна Македонија и за Црна Гора, Лавров заклучи дека водат антируска политика.

„Се сомневам дека влезот на Северна Македонија и Црна Гора во НАТО ја зајакна безбедноста на Алијансата. Од друга страна, како алатка за задржување на Русија, како земји кои само „пеат“ како големите чичковци ќе им кажат, овие земји очигледно совршено се вклопија во нивните улоги. Околу нашиот одговор на оваа постапка, ние нема да преземеме нешто што дополнително ќе ги влоши работите меѓу народите, со тоа се занимаваат нашите западни партнери“, рече министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Пред настапот на Лавров, македонското МНР даде објаснува зошто забранила прелет на авионот на шефот на руската дипломатија.

„Министерството за надворешни работи го одби барањето на Руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград, поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација“, информираа од МНР.

И, премиерот Ковачевски објасни дека станува збор за општа одлука донесена претходно, а не за конкретно решение кое за цел го има токму летот со која Лавров требаше да пристигне во Белград.

„Ние имаме донесено одлука за забрана за прелети на руски авиопревозници преку територијата на нашата држава. Ние сме членка на НАТО, што значи дека одлуките кои се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на ЕУ. Во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман во однос на одлуката која што е донесена која е во сила и која останува во сила“, рече премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

По неуспишниот обид, во Белград да се сретне со српскиот државен врв, Лавров најави дека во Москва ќе го повика Никола Селаковиќ, министерот за надворешни работи на Србија, земјата која не се приклучи кон европските санкции против Русија и која се уште има добри односи со Москва. За разлика од тоа, македонско-руските релации бележат надолен тренд по стартот на инвазијата врз Украина. Досега десетина руски дипломати беа протерани од земјава зашто беа прогласени за персона нон грата. Русија, за возврат, ја стави Северна Македонија на листата непријателски држави.

XS
SM
MD
LG