Во Вашингтон, членовите на Конгресот на САД директно ќе го слушнат претседателот на Украина.
Говорот на Зеленски, преку видео-врска до законодавците, следи по слични обраќања во британскиот Парламент во Лондон, канадскиот Парламент во Отава, и европскиот Парламент во последните неколку недели, додека тој се залага за поголема воена и хуманитарна поддршка од меѓународната заедница.
Американскиот претседател Џо Бајден треба да зборува во Белата куќа неколку часа подоцна, потенцирајќи ја новата помош од 800 милиони долари за Украина, која ќе ја зголеми вкупната сума на помош што ја најавија САД во текот на изминатата недела на 2 милијарди долари.
Тој треба да им се придружи на другите лидери на НАТО во Брисел на самитот што ќе се одржи на 24 март, на едномесечната годишнина од започнувањето на инвазијата на Русија, откако со месеци негираше дека планира да го стори тоа.
На теренот во Украина, агенцијата за вонредни состојби на земјата објави дека една 12-катна станбена зграда била меѓу целите погодени од руските сили. И покрај континуираното гранатирање на Киев и други градови, руските копнени сили постигнуваат „ограничен напредок... во остварувањето на нивните цели“ во Украина, изјави во вторникот висок официјален претставник на американската одбрана во процената споделена со Гласот на Америка.
Официјалниот претставник рече дека Киев „и понатаму е под силно бомбардирање со оган од долг дострел, при што цивилните цели, вклучително и станбените области, се удираат со зголемена фреквенција. Но, водечките елементи на руските сили не напредуваа значително во градот“.