Линкови за пристапност

Само 50-тина бегалци од Украина побарале засолниште во Северна Македонија


Повеќе од три милиони Украинци досега ја напуштиле државата, но засега само мал број од нив засолниште побарале во Северна Македонија. Иако официјалните информации кои Глас на Америка ги доби од Владата се дека ниту еден украински граѓанин нема побарано статус на бегалец, од Црвениот крст велат дека во државата досега пристигнале приближно 400 лица од Украина. Добар дел од нив ја искористиле земјава како транзит дестинација за влез во трета држава.

„Нашите претпоставки се дека 250 лица се присутни во државата и кои остануваат тука. Досега еден мал дел се пријавиле за помош во Црвениот крст. Бројката говори за број од 48 луѓе. Поголемиот дел од нив се во државата преку нивни роднински врски и пријатели“, вели Сузана Тунева, секретарка на Црвен крст на град Скопје.

Доколку имаат потреба од помош им следува бесплатна здравствена заштита од државата, како и дополнителна помош во храна, лекови, облека, обувки.

Од Црвен крст сметаат дека земјава има доволен капацитет да се справи со евентуално поголеми бројки на бегалци, земајќи ги искуствата со бегалските кризи од минатото, кога само за време на косовскиот конфликт, земјава прими рекордни 440.000 лица.

„Но не очекуваме, како што тоа беше во изминатите кризи на подрачјето на некогашна Југославија. Мислам дека тоа ќе зависи и од тоа колку ќе трае конфликтот. Државата има одредени центри кои ги препознава како можни колективни центри“, додава таа.

Од МВР велат дека од 24.02.2022 - 11.03.2022 година во РС Македонија на влез биле евидентирани 1.146 украински државјани. Во истиот период на излез oд државата се евидентирани 759 украински државјани.

Од канцеларијата на УНХЦР во Северна Македонија, велат дека за сега е тешко да се зборува за очекувања, дали земјава ќе се соочи со поголем број бегалци од Украина.

„Бегалец е тој човек што избегал од својата држава. Дури и ако избегал кај блиски роднини и пријатели. Без разлика дали таа другата држава што го прима го има ставено во постапка за барање на азил или тој човек е сместен во колективен центар или приватно сместување. Државата практично веќе има примано бегалци“, вели Љубинка Брашнарска, портпаролка на УНХЦР во Северна Македонија.

Во Црвен крст имаат и листа на граѓани, кои веќе пројавиле интерес да сместат дел од овие луѓе во нивните приватни капацитети.

„Досега во Скопје имаме пријавено приближо петанесеттина фамилии кои ги отстапуваат своите станови, викендици, куќи кои им се празни за да се сместат лица од Украина. Во внатрешноста мислам дека бројот ќе биде многу поголем, особено во регионот на Охрид и Струга, каде луѓето имаат повеќе станови, куќи“, вели Тунева.

Но, целта на сите бегалци вели Брашнарска е да бидат поблиску до своите домови, што е уште поголем проблем за соседните држави на Украина.

„Доколку воените дејствија не прекратат веднаш, дефинитвно нема да има држава во светот која нема да прими украински бегалци", вели таа.

Инаку Владата на последната седница задолжи неколку надлежни министерства како и генералниот секретаријат да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.

XS
SM
MD
LG