Линкови за пристапност

Како 16-годишна Украинка во Америка реагираше на говорот на Зеленски пред Конгресот?


Се чини дека нема голема промена во нивниот начин на размислување без разлика колку злосторства има направено Русија, вели Јарина Холод, украинска средношколка во Вашингтон
Се чини дека нема голема промена во нивниот начин на размислување без разлика колку злосторства има направено Русија, вели Јарина Холод, украинска средношколка во Вашингтон

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера бараше поголема воена помош од Конгресот на САД, 16-годишната Јарина Холод, украинска средношколка во Вашингтон, чекаше знаци на надеж за нејзината земја.

Нејзината мајка е во Тернопил, во западна Украина, додека Јарина поминува една година во американско средно училиште.

Вчераутрото, таа го гледаше обраќањето на Зеленски пред Конгресот.

„Ве молиме воспоставете забранета зона за летање или дајте ни проектили. Дали е ова многу да се бара? Да се создаде зона за забранети летови над Украина за да се спасат луѓето?“, рече Зеленски.

Претседателот на САД Џо Бајден вчера најави зголемување на американската воена помош за Украина. Администрацијата вели дека воспоставувањето зона на забранети летови ќе ја стави американската војска во директен конфликт со Русија.

„Ми се чини дека тие длабоко се плашат да не ја испровоцираат Русија, како што е долги години откако Русија ја нападна Грузија. Се чини дека нема голема промена во нивниот начин на размислување без разлика колку злосторства има направено Русија“, вели Јарина.

Знаејќи дека војната ќе продолжи и покрај говорот, Јарина плачеше додека го гледаше видеото со слики од цивилен масакр во градовите што ги познава.

„Видеото покажа неколку моменти кои се навистина обесхрабрувачки за мене, како Украинка“, рече таа.

Кристин Дулени, е домаќинка на Јарина во САД. Таа има украинско потекло и има роднини во Украина.

Преку видеоповик, еден од нив ѝ кажал дека и покрај опасноста многу Украинци остануваат да ја бранат нивната земја.

„Постои овој украински дух за кој некако слушав цел живот и знаете, некако е неверојатно. Сега го гледам тоа и на дело“, вели Кристин.

Иднината за Украинците е неизвесна, дури и за Јарина. Нејзината средношколска година во САД завршува во јуни.

„Не знам дали ќе можам да си одам дома“, рече таа.

Во виртуелното обраќање пред американскиот Конгрес вчера, Зеленски побара поголема поддршка за борба против руската инвазија и предложи нов сојуз на земји кои ќе застанат заедно против таквата агресија во иднина.

XS
SM
MD
LG